Браво, од четврто одделение вежба природни науки и стаса до олимписка бронза во Тајланд

Патот кон ланската Олимпијада започна со општинските, регионалните и државните натпревари по биологија, физика и хемија, вели 15-годишната Елена Јовановиќ

На последната Меѓународна олимпијада по природни науки што се одржала во декември во Тајланд, македонскиот тим на средношколци постигна забележителен успех. Беа освоени четири бронзени медали. Убаво, се повеќе медали завршуваат во Македонија благодарение на упорните талентирани ученици, но и на нивните ментори коишто мошне добро ги подготвуваат.

Меѓу медалистите беше и 15-годишната Елена Јовановиќ, ученичка во скопската гимназија „Раде Јовчевски – Корчагин“. Успехот е дотолку поголем што таа е ученичка во прва година од оваа гимназија. Браво.

Зад големиот успех стојат многу учење, вежбање, учества на тешки натпревари во математика, биологија и други природни науки. Вредно е да се напомене дека љубовта на Елена кон природните науки започнала уште во четврто одделение.

-Тогаш моите наставнички ме пријавија на општински натпревари по математика и природни науки. Од тогаш редовно учествувам на натпреварите бидејќи се причина подетално да го надоградам моето знаење во тие области. Од седмо одделение започнав со натпреварување по биологија. На државниот натпревар освоив прва награда и по ранг листа бев трета во цела држава. Тоа беше периодот кога мојата љубов кон овој предмет се зголеми уште повеќе, вели таа.

Потоа дознала и за селекционите натпревари кои се одржуваа за избирање на тимот за ИЈСО (Интернационална олимпијада по природни науки).

и зададов цел во иднина да учествувам на тие селекции. Голем придонес во моите резултати на овие натпревари имаше и математиката, која е значајна за сите природни науки. Патот кон Олимпијадата започна со општинските, регионалните и државните натпревари по биологија, физика и хемија. На крајот останавме 23 кандидати од кои не избраа нас шестмина како македонскиот тим за Олимпијада. Потоа следеа и подготовките долги три месеци. Решававме задачи и правевме експерименти по сите три предмети, објаснува Елена.

Инаку, олимпискиот натпревар имал 3 дела – два теоретски и еден практичен. Теоретскиот дел бил индивидуален, додека експериментот се правел во тимови од по тројца.

На натпреварот за сите три предмети се освојуваа еднаков број поени, па добро познавање во сите области беше неопходно за правење на добар резултат и освојување на медал, наведува Елена.

Таа вели дека се нема одлучено за некоја конкретна професија за во иднина.

 Во текот на подготовките се разви и мојата љубов кон физиката, која заедно со математиката и медицината ми се водечки области за избирање на предметот кој во иднина би го студирала. Инаку, се уште немам одлучено и каде ќе го продолжам моето понатамошно школување, наведува таа.

Инаку, хоби и е играњето тенис, каде има освоено повеќе медали и награди.

Без упорна работа талентот нема да дојде до израз

На нашето прашање – што е поважно талентот или упорната работа, Елена е децидна:

 И двете работи се важни. Но сепак, доколку некој има талент, но тој не е откриен или не се обрнува внимание на него, талентот нема да дојде до израз. Спротивно на тоа, доколку некој не е талентиран, но е упорен кон остварување на зададените цели има поголеми шанси за успех, наведува таа.

Претходна вестВо Скопје променливо облачно со јужен ветар, во делови од Македонија ќе има дожд
Следна вестМакедонското МНР по примерот на институциите на ЕУ – осветлено во боите на знамето на Украина