Студирајќи на „Принстон“ увидов што е најважно за еден талент да успее

Што е доволно за еден талент да почне да се реализира: самиот тој или и упорноста? Ова најчеста дилема има и свој трет одговор: систем со ресурси и поддршка. А тој одговор ни го дава Божидар Бобо Станковиќ, студент од Скопје кој неодамна дипломира на престижниот американски универзитет „Принстон“. Бобо беше дел од студентите кои, благодарение на претходни високи резултати во учењето, успеа да биде примен на оваа високообразовна институција која котира на шестото место на најрелевантната Шангајска листа. Врз основа на искуството кое таму, но и претходно, го стекнал Бобо смета дека за излегувањето на нечиј талент е најважно да има и поддршка од надворешната средина.

-Вистинскиот одговор е: систем со ресурси за поддршка. Голем дел од студентите на Принстон доаѓаат со силни академски темели. Но, факторот кој навистина им овозможува да раснат се безбројните институции наменети да им помогнат. Сите професори на факултетот имаат „канцелариски часови“, кога се достапни за студенти за муабет и прашања. По секоја докторска лекција, студентите се состануваат со додипломците за да им помогнат да го дискутираат материјалот. Има студенти кои се платени да помогнат со структурирање аргументи за есеи, и други кои можат да помогнат со наоѓање грешки во програмски код. Без системска поддршка, и надареноста и упорноста може да не бидат доволни, ни објаснува Бобо.

Тој своето средно образование го започнал во скопското средно училиште „Јахја Кемал“, а бил активен и во дебатниот клуб во Младинскиот образовен форум (МОФ) каде дебатите му го отворител умот кон критичко размислување, нешто што често недостасува во формалниот образовен систем. По две години во Скопје, имал среќа да биде номиниран за еден од 18 Светски обединети колеџи, образовно движење кое се стреми да поврзе средношколци од целиот свет со најразлични национални, социоекономски или религиозни позадини. Потоа следела и понудата на Принстон која ја прифатил заради извонредната финансиска помош која универзитетот можеше да ја понуди. Бобо во мај дипломира на студии за јавни политики, а на крајот доби и вредно универзитетско признание: „Духот на Принстон“, кое им се доделува на студенти кои за време на студирањето се вложиле во воншколски активности, за подобрување на студентскиот живот на универзитетот. Тој ја добил наградата затоа што вложил најголем ентузијазам во спријателувањето на студенската популација.

-Принстон е квалитетен бидејќи има ресурси. Тие ресурси го овозможуваат сето она што го прави студирањето успешно: од професори кои имаат фантастични истражувања за кои предаваат, до разновидни можности за патување во „вистинскиот свет“, и до шанса да се чујат говори од важни политички фигури, наведува тој.

По ова искуство, Бобо има и посебно мислење како треба да се работи со талентирани ученици.

-Сите ученици се талентирани во некоја сфера. Мислам дека задачата на образовен систем е да се идентификуваат силните страни на учениците, и тие потоа да се поддржат. На Светските обединети колеџи, на пример, доаѓаат ученици со најразлични нивоа на познавање на англиски јазик. Училиштето креира атмосфера каде ученици кои добро го совладале јазикот може да им помогнат на пријателите кои се соочуваат со проблеми. Сличен е пристапот на Принстон – ниеден час или ресурс не е специфично наменет за „талентирани студенти,“ туку дадена е доволна поддршка за студентите со доста работа, да можат да ги постигнат нивните цели, наведува Станковиќ.

Нов предизвик во Пекинг

По Принстон, Бобо планира своето образование да го продолжи во Пекинг, Кина.

-Прифатив понуда за магистерска програма по политика во Академијата Јенчинг на Универзитетот во Пекинг. Уште не е одлучено дали часовите оваа есен ќе бидат онлајн – се’ зависи од ситуацијата со корона – вирусот, ни ни вели тој.

Претходна вестКосово воведе задолжителен ПСР тест за македонски државјани
Следна вестКога ќе има санкции за пожарите, за пироманите, но и за надлежните?