Мора да се разбие монополот на откупувачи на земјоделски производи, ако сакаме успешно земјоделие

Треба да имаме разумен однос кон земјоделското производство. Не може да дозволуваме да имаме толку извори на топла вода во кочанско, а да немаме стакленици за производство на зеленчук, вели Љупче Станковски 

Со Љупче Станковски, земјoделец од велешко зборуваме за проблемите во македонското земјоделие и како тие да се надминат…

Како ја оценувате состојбата во македонското земјоделие, се чини со години владеат негативни трендови?

-Моментната состојба е крајно незадоволителна. Сите сме сведоци дека со години се намалува производството на основните земјоделски култури, но и во сточарството. Се помалку имаме производство на зеленчук, на јаболки, тутун, грав, лук, на говедското месо… Нашите традиционални производи исчезнуваат, ја губат битката за опстанокот со конкуренцијата однадвор која, очигледно, добива поголеми стимули од матичните држави. Па, така, имаат и пониски цени од нашите и со што се повеќе се увезуваат тука, а нашето производство запира бидeјќи не може да ја издржи трката со цените.

Како да забораваме дека секоја земја мора да има силно сопствено производство на храна за да ги избегна сите ризици од нејзиниот недостиг во услови на војни, блокади, временски непогоди… Зарем ќе дозволиме, на пример, доколку пак се случи некоја светска криза со храна каква што беше со руско-украинската војна, да бидеме осудени да гладуваме оти немаме сопствено производство, а ќе нема од каде да се увезува? Зарем ова не е доволна причина за и тука да го сфатиме значењето на сопственото производство на храна, а за што во Македонија ги имаме сите предиспозиции?

Кои, според Вас, се причините зошто се дојде во ваква ситуација?

-За ова најмногу се виновни нашите корумпирани политичари, кои се врзани со одредени бизнисмени. Зарем тие не можеа да видат дека ни се заканува ова намалување на земјоделското производство, дека остануваме без храна и дека наши стратешки култури исчезнуваат и дека тоа треба да се спречува? Можеа, но не сакаа. Полесно беше да се земат провизии од увозот на големи количества на храна и други работи, да се прави рекет на увозниците. Главен проблем е што тие наши политичари, кои често се менуваат, работат во свој личен интерес. Тие се оние кои некому му овозможуваат да има монопол во некој земјоделски сектор и кои профитираат од тоа. Значи, корупцијата е во основата на тоа што ни се намалува земјоделското производство. Така не се мисли за доброто на сопствената држава.

Од друга страна, треба да знаеме дека и ЕУ е најмногу заинтересирана за евтина работна рака во земјоделието и оттаму нема да направат ништо и да помогнат тој процес на миграции од нашите села да запре. Напротив, ќе се стимулира. Страшно е кога годишно од наша земја заминуваат по 7-8.000 млади луѓе во странство. Тоа е огромен потенцијал. Можете да замислите колку храна тие би можеле да произведуваат по нашите села? Земјоделието не се развива преку ноќ, потребни се години и години за да создадете добар производител на храна.

Какви промени се неопходни во сферата на земјоделието за пак да имаме соодветно производство на храна?

-Прво, да се разбие монополот на откупувачи на земјоделски производи, а што сега постои во наша земја. На пазарот и во откупот треба да се вклучат и други откупувачи, па и од странство, за преку конкуренција да се постигне и реална цена којашто би му одговарала на земјоделецот. Вака, како што е сега, мала и тесна група на откупувачи прави се што сака. На пример, се договараат извесен период да нема откуп. Поради тој застој, земјоделските производи почнуваат да скапуваат оти имаат ограничен рок на траење, земјоделците стануваат исплашени за родот, цените драстично паѓаат и дури тогаш почнува откупот. Жртвата е земјоделецот. Тоа се случувало многу пати. На пазарот со јагнињата имате само еден откупувач, а порано имало 8 – 10 фирми.

 Или, се бркаат откупувачите кои од соседните држави доаѓаат во Македонија да купат некој земјоделски производ на големо. Имало примери и физички закани, за да не се дозволи тие да понудат повисока цена, како што беше примерот со праските кога цената им падна драстично на само пет денари. Сето тоа е пак во договор со политичарите на кои им одговара да има само еден или двајца откупувачи оти со нив полесно ќе се договараш околу провизиите. Форсирањето на монополот мора да запре.

МОЖЕМЕ ДА ПРОИЗВЕДЕМЕ ХРАНА ДОВОЛНО ЗА НАШИ ПОТРЕБИ

Може ли Македонија да биде значаен извозник на храна и барем да ги задоволува сите свои витални потреби за храната?

-Голем извозник на храната не би можеле да бидеме оти состојбата и структурата на нашето земјоделие е расцепкано по региони и по ситни парцели. Треба да го искористиме тоа што го имаме како потенцијал. Тоа не е малку. Значи, може да произведуваме храна доволно за наши потреби и со што ќе се осигураме од сите надворешни загрозувања. Имаме и сега шанса да ги искористиме потенцијали. Треба само да имаме разумен однос кон земјоделското производство. Не може да дозволуваме да имаме толку извори на топла вода во кочанско, а да немаме стакленици за производство на зеленчук. Ни требаат и реални цени за земјоделците, за нивно производство. Не добиваат објективна и заслужена цена, па се случува откупувачите да им ги намалуваат цените за износот на субвенциите кои им следуваат. Тогаш, залудно е и давањето на субвенциите кои се даваат со години.

 

Претходна вестЈапонија и Кина имаат возови со 400 километри на час, нашиве министри ветувања даваат со таа брзина
Следна вестНАСА работи на робот-куче за спасувања на Месечината