Конечно малку повеќе зеленило во Чаир. Имено, новиот кружен тек во Чаир на ул. „Кемал Сејфула“ денеска е раззеленет со 300 садници, а на улицата Втора македонска бригада е подигнат нов дрворед со над 200 висококвалитени дрвја. На денешното раззеленување во Чаир присуствуваше и градоначалникот Петре Шилегов.
– Есенското раззеленување се одвива секојдневно низ цело Скопје и вкупното садење ќе биде околу 15000 висококвалитетни садници што веднаш се вклучуваат во екосистемот на нашиот град. Некогашните депонии сега ги претвораме во паркови, го обновуваме зеленилото на постојните паркови, а садиме ново и го обновуваме и постојното булеварско зеленило коешто сами можеме да ја видиме разликата како изгледа во последните неколку години, рече Шилегов.
Акцијата е добра, но не е доволна и мора уште да се сади во овој дел од Скопје. Всушност треба масовно да се сади низ целиот град.
Од Град Скопје уверуваат дека есенското раззеленување на Скопје продолжува на голем број локации во сите скопски општини.