Хамбуршката полиција објави „крај на заложничката криза“ на аеродромот во овој германски град, откако маж (35) кој од синоќа ја држеше својата ќерка (4) во автомобилот со кој излетал на пистата, се предал.
– Осомничениот излегол од автомобилот со ќерката. Тој не дал отпор при апсењето. Детето изгледа неповредено, изјавила портпаролката на полицијата Сандра Левгрин.
Кризата почнала во 20 часот и 24 минути, кога маж со автомобил „ауди“ влетал на пистата пред авионот, пукал во воздух и фрлил два молотови коктели, додека ја држел ќерка си во возилото.
Локалниот весник Хамбургер морген пост утринава објави дека преговорите на барање на киднаперите се водат на турски јазик со помош на преведувач, а други медиуми објавија дека таткото сака да лета во таа земја со својата ќерка.
Овој инцидент го стопираше авиосообраќајот во Хамбург и во тек се дејствија за нормализирање на летовите.
Според полицијата, инцидентот се случил поради нерасчистено старателство за девојчето.