В недела здравствени работници, волонтери и поранешни пациенти, ќе трчаат во чест на дарителите на органи и коскена срцевина и е во организација на националната координаторка за трансплантација, д-р Маја Мојсова-Миовска и ЈЗУ Клиника за хематологија – Скопје.
Исто така, целта е да мотивираат поголем број донатори на коскена срцевина да се пријават во Националниот регистар за донатори.
-Целта ни е да го подигнеме нивото на свесност за значењето на трансплантација на органи и ткива од починат донатор. Да се дарува коскена срцевина, орган или ткиво значи некому да се даде можност одново да живее. Симболично, сакаме со учество во трката да ја истакнеме важноста и влијанието од трансплантацијата на органи, ткива и матични клетки врз животот на пациентите, а воедно и да им заблагодариме на сите донатори ширум светот кои со своето дарување подариле некому живот, истакнуваат од Министерството за здравство.
Оттаму известуваат дека на почетокот на трката, пред салата „Борис Трајковски“, ќе има пункт, отворен од 8 до 12 часот, каде граѓаните ќе можат да се информираат за трансплантациите како можност за излекување и продолжување на животот директно од тимовите на експерти кои се дел од овие интервенции.
Сите кои се во добра здравствена состојба, на возраст од 18 до 50 години ќе имаат можност да станат дел од Националниот регистар на доброволни дарители на коскена срцевина. Дарител може да биде секој што се чувствува здрав и е подготвен да спаси нечиј живот, само со доброволно дарување на 5 милилитри периферна крв, ќе се запише во регистарот на дарители на коскена срцевина.