Зелен хуман град: Понижувачко е пазарењето за потписите за независните

Од Иницијативата „Зелен хуман град“ велат дека се крајно револтирани од последната изјава на премиерот Зоран Заев, за зголемувањето на прагот за независни листи на локално ниво на 1%, кое тој сака да го прикаже како намалување.

Тие порачуваат дека учеството во изборната трка на независни граѓани кои не сакаат да се дел од ниедна партија – не е и не може да биде предмет на пазарење. Уште помалку, предмет на пазарење меѓу партиите.

-Крајно е понижувачки да се слуша некој кој до вчера беше „на браникот на демократијата“, денес да се става над законот, да зборува во име на други институции кои – ако во Македонија се практикува поделбата на власта – се целосно независни од него и неговата функција. Веруваме дека премиерот Заев е свесен дека со неговите калкулации ќе бидат потребни повеќе потписи за независна советничка листа за Град Скопје отколку за пратеничка листа? За кандидирање на парламентарни избори, независна листа треба да собере 1.000 потписи од цела изборна единица, а за Град Скопје со зголемувањето на прагот на 1% треба да се соберат 5.000 потписи, колку што на локалните избори во 2017 г. „тежел“ еден советнички мандат. Интересно, членот од Изборниот законик во кој е уреден бројот на потребни потписи за кандидирање пратеници преку независна листа не е предмет на измена сега. Ќе биде ли менуван пред следните парламентарни избори ако се кандидира „Зелен хуман град“ со своја, независна, листа?, велат од Зелен хуман град.

Иницијативата бара прагот за потписи за независни листи да се намали десеткратно за сите општини и да се воведе собирање потписи надвор од општинските канцеларии на ДИК, односно на улица со приложување лична карта, согласно со препораките од ОБСЕ/ОДИХР од 2017 година, каде што е наведено дека „треба да се размисли за обезбедување алтернативни методи за собирање потписи, со цел да се намали потенцијалот за заплашување“.

Иницијативата, исто така бара и измени на Изботниот законик со кои нема да се овозможи рекламирањето во медимите да биде во корист на големите политички партии.

Зелен хуман град бара да се почитуваат препораките на ОБСЕ/ОДИХР, а во овој случај да не се менува Изборниот законик непосредно пред локалните избори закажани за 17 октомври.

Претходна вестДури 158 сообраќајни казни во Скопје вчера – пребрзо возење и пијани возачи
Следна вестOд денеска се аплицира за субвенции за студентски оброк