Околу 3 часот по полноќ земјотрес со јачина од 3 степени според Рихтеровата скала беше почувствуван во штипското подрачје. Земјотресот е со епицентар на 2 километри северно од Штип, на длабочина од 1 километар.
Земјотресот што е забележан во 2.41 часот внесе и паника меѓу граѓаните, особено меѓу тие што живеат во повисоките катови на станбените згради. Дел од граѓаните утрото го дочекаа во своите автомобили, во страв од нов потрес. По првиот земјотрес со интензитет од 3 степени, следеа уште три афтершокови.
Професорот д-р Ѓорѓи Димов, декан на Факултетот за природни науки во Штип, вели дека во следните 24 часа можни се помали афтершокови. Сепак, Штип се наоѓа во средно трусно подрачје, каде не се очекуваат силни потреси.
-Штип е во релативно стабилно подрачје, иако не најстабилно. Не очекуваме овде да има силни земјотреси. Под нас е дебела земјина кора и според тектонскиот и сеизмичкиот реон, ние сме релативно безбедни. Не очекуваме земјотрес посилен од 4 степени, изјави професор Димов за Македонски медиа сервис.