Жан Пјер Симеон добитник на „Златен венец“, Катрин Пиц на наградата „Мостови на Струга“

Добитник на „Златен венец“ за 2024 година, главната награда на „Струшките вечери на поезијата“, е истакнатиот француски поет,  Жан Пјер Симеон.

Одлуката беше соопштена на свечениот настан во МАНУ, на кој покрај прогласувањето на лауреатите на СВП, беше одбележан 21 март-Светскиот ден на поезијата со поетско читање во кое учествуваа истакнати поети- членови на Македонскиот П.Е.Н Центар, како и други истакнати македонски поети од различни генерации. Наградата на лауреатот ќе му биде врачена на поетското читање „Мостови“, една од централните манифестации на  годинешното издание на фестивалот, предвиден да се одржи од 22 до 26 август.

Во образложението на одлуката, проф. д-р Елизабета Шелева, претседател на Управниот одбор на „Струшките вечери на поезијата“ рече дека тој е ценет поет, со широк распон на својот творечки потенцијал,  реализиран во неколку жанровски подрачја.

-Поезијата на Симеон, зад себе го има благородниот контекст и драгоцената закрила, на една богата поетска традиција, каква што е француската, којашто ја краси возвишениот парнасовски идеал на песната – како суверено кралство, во кое живее и опстојува власта на Љубовта и Убавината, потенцира таа.

Поетот,  драматург и есеист, Жан-Пјер Симеон е роден 1950 година во Париз. Како професор по модерна книжевност, тој објавил  повеќе збирки поезија, романи, книги за деца и театарски пиеси. Тој е иницијатор на Неделата на поезијата во Клермон-Феран во 1986 година. Од 2001 до 2017 година бил уметнички директор на Пролетта на поетите. Од 2001 до 2019 година бил придружен поет на Националниот народен театар во Вилербан. Тој е претседател на жирито за доделување на наградата Аполинер. Во моментов е директор на колекцијата Поезија во Галимар.

Во поздравното обраќање до македонската јавност, Жан Пјер Симеон порача дека единствено поезија може да и даде смисла на човечката авантура.

-Се осмелив пред неколку години да напишам есеј под наслов „Поезијата ќе го спаси светот“. Таа безусловна афирмација од насловот им се чинеше дека е смешна на многумина на земјината топка кои веруваат дека Поезијата е само еден шармантен орнамент, една јазична игра која може да ги интересира само неколкумина остроумни лингвисти. Меѓутоа, јас сум цврсто определен да мислам дека највозвишената Поезија, од видот на она пеење што е отелотворено во поетските опуси на венценосците од Струга, во оваа земја Македонија, што ги овенча бесмртните поети од многу меридијани- е израз на една меморијална и универзална визија, која единствено може да и даде смисла на човечката авантура во овој безмилосен свет, нагласи тој.

Добитничка на наградата „Мостови на Струга“ за 2024 година која што Струшките вечери на поезијата во соработка со УНЕСКО ја доделуваат за најдобра дебитантска збирка е германската поетеса Катрин Пиц за нејзината стихозбирка „„Вакви денови имало отсекогаш“.

Претходна вест81-годишен возач со „Опел“ повредил 65-годишна скопјанка во Ченто
Следна вестУбаво, над 1.000 садници денес засадени во парковите низ Кисела Вода