Службеното возило „Пасат“ на првиот потпретседател на Владата Артан Груби вчера бил оштетено по нападот на една жена која потоа била приведена од страна на полицијата. Во нападот што се случил на паркингот кај Собранието на Македонија било искршено ветробранско стакло. Груби во моментот на нападот не бил во автомобилот туку во собраниската зграда.
Според Министерството за внатрешни работи, станува збор за 38-годишната В.Ј. која веднаш по инцидентот била приведена.
-Околу 12:00 часот пред Собрание на РСМ од страна на В. Ј. (38 години) било скршено предното ветробранско стакло од ПМВ Пасат сопственост на Влада на РСМ. Од страна на полициски службеници лицето е приведено во полициската станица во Центар. Се работи на расчистување на случајот, соопштија од МВР.
Груби за „360 степени“ изјави дека тој не е повреден бидејќи во тоа време присуствувал на собраниската седница, а за жената вели дека не ја познава.
-Точно е. Возилото е искршено од страна на В.Ј. (38 години), пред главниот влез на Собранието. Не сме повремени ниту јас ниту некој од мојата придружба. Не ја познавам личноста, ниту ги знам причините за нападот и очекувам МВР да го разјасни случајот, изјави Груби.
Фото: Архива