Статистиката ја потсетува Владата: Лани во сиромашија живееле 448.000 граѓани на Македонија

Околу 448.000 наши граѓани во изминатава година живееле под прагот на сиромаштија, соопштија вчера статистичарите од Државниот завод за статистика. Тоа било за 7.000 граѓани помалку отколку што сиромашни граѓани имало во 2018 година кога е пресметано дека најзагрозени се дури околу 455.000 граѓани. Сепак ова е показател дека стапката на сиромаштијата во Македонија мошне тешко и бавно се намалува. Лани таа изнесувала 21,6 проценти, преклани била 21, 9 отсто а пред три години 22.2 проценти.

Сето ова е последица на тоа што личните примања на голем дел од граѓаните се уште не се доволни за бегство од сиромаштијата, но и што има многу невработени лица, имаат мала социјална помош… 

-Гледано по типови домаќинства, стапката на сиромаштија на домаќинствата составени од двајца возрасни со три и повеќе деца била 44,7 проценти, кај семејства со две деца 19,3 проценти. Стапката на сиромашни невработени лица е 41,7 отсто, кај вработени 8,5 проценти, додека стапката на сиромашни пензионери е 7,7  проценти, се наведува во инфорамцијата.

Критериумите според кои е правено утврдувањето на степенот на сиромаштијата предвидуваат за сиромашно да се смета домаќинство кое во минатата година имало годишен приход помал од 100.643 денари. Тоа значи дека имало годишен приход од 1.623 евра или просечна месечна примања од 8.386 денари или 135 евра. Односно, овој поединец дневно во текот на годината имал на располагање 4,4 евра. Во 2018 година годишна заработка требала да биде помала од 97.000 денари а пред три години 90.120 денари за да лицето биде рангирано во група на сиромашни граѓани.

Во случај на четиричлено семејство со две мали деца се смета дека се сиромашни ако имале вкупни годишни приходи од 211.351 денар или 3.408 евра годишно. Со ова излегува дека тоа семејство имало просечни примања од 17.612 денари или 284 евра во текот на минатата година. Пресметано по секој ден, ова семејство за сите потреби располагало со 9,3 евра. Статус сиромашно пред две години го имале оние четиричлени семејства кои имале годишна заработка помала од 203.700 денари, а пред три години помала од 189.252 денари. 

Најпоразителното во сите овие бројки е тоа што излегува дека една четвртина од населението во Македонија живее под прагот на сиромаштијата. За ова не се спомена вчера во извештајот за 100 дена Влада. Таму пред се се зборуваше за тоа дека земјата ја внеле во НАТО и дека имаат силна волја да почнат преговори со ЕУ, па…

Претходна вестОблачно со сончеви периоди и слаб ветер
Следна вестЖена го искрши стаклото на службениот „Пасат“ на Артан Груби, тој не знае која е причината