Жената што изгуби бебе и сопруг во сообраќајка кај Млечен: Немаме правна држава, сите тие се штитат меѓу себе

Нема да се преземат никакви дејствија против обвинителката која го водеше случајот со сообраќајката кај „Млечен“ во Капиштец, а во кој обвинетиот возач добил условна казна. Ова е став на Советот на јавни обвинители кој е испратен до Наташа Димитриевска чии сопруг и бебе со кое беше бремена загинаа, а и таа се здоби со тешки повреди во сообраќајната несреќа што се случила во 2018 година.

Против сторителот Васил Чорбаџиев беше покренато обвинение за тешки дела против безбедноста на луѓето во сообраќајот. Тој со својот автомобил свртел лево на улицата „Теодосиј Гологанов“ на место каде што има знак „Забрането вртење лево“ и удрил во моторот на кој беа тогаш бремената Димитриевска и нејзиниот 32-годишен сопруг. Тој пред судот ја призна вината и доби условна затворска казна од две години, доколку во наредните пет години не направи ново кривично дело.

-Пак сум на операција на ногата, а денес добив одговор од Совет на ЈО дека ЈО Снежана Бундалевска Ѓорѓиевска постапувала правилно и по закон. Е па пријатели официјално кажувам немаме правна држава и сите тие се штитат меѓу себе, напиша таа на Твитер, каде го објавила и добиениот одговорот од Обвинителството.

Во дописот до неа се наведува дека Советот на јавни обвинители побарал мислење од Вишото јавно обвинителство Скопје, кое утврдило дека обвинителката од ОЈО Скопје постапила правилно и согласно законските прописи, а по добиеното такво мислење Советот донел одлука дека нема место за преземање дејствија. Се наведува и тоа дека по конкретниот кривичен предмет е постапувано правилно и согласно законските прописи и во конкретниот случај јавнообвинителските одлуки се носени откако се прибавени сите докази, информации и известувања.

Наташа Димитриевска вели во целиот случај има низа пропусти од страна на обвинителството.

-Обвинителката сторила тешка дисциплинска повреда со оглед дека намерно и неоправдано направила крупна професионална грешка со тоа што не ги набавила медицинските документи за загубата на мојот плод како резултат од случената сообраќајна незгода и не го внела во диспозитивот на обвинението; Наредбите за вештачење не се целосни за утврдување на видот и карактерот на повредите; Не го товари обвинетиот за кривично дело неукажување помош на лице повредено во сообраќајна незгода; Обвинетиот го товари дека делото го сторил од небрежност, а делото е сторено од умисла со оглед дека на местото на незгодата умислено презел дејствие на вртење во лево иако е забрането, има знак и две дупли линии, наведе таа во својата претставка до Советот.

Димитриевска поднела и претставка и до Судскиот совет, за судијката која досуди условна казна за обвинетиот откако го признал делото уште на првото рочиште.

Претходна вестПочна да се вози по првиот дел од булеварот „Босна и Херцеговина“
Следна вест26 пациенти починале од вирусот, тестирани биле 714 лица – 213 се заразени