Македонскиот амбасадор во Романија, Андреј Жерновски се огласи откако вчера беше прозван од министерот за надворешни работи, Тимчо Муцунски дека бил поставен „на диво“ на дипломатската функција.
-Откако од медиумите дознав дека, како амбасадор, сум се тепал по официјални приеми во Романија, за што следеше приватна тужба од моја страна, вчера на истиот начин дознав нова вест- дека сум бил амбасадор “на диво”. Не знам на тие медиуми од каде им е и кој им ја кажал оваа “генијална” теза, но знам дека со некој од нив ќе мора да се видиме на суд. Не дека го сакам тоа, но мора да се воспостави ред, бидејќи клеветењето и нанесување штета на нечии личен углед и интегритет е крајно сериозна работа, колку и објавувачите или пренесувачите на вакви невистини да не ги поседуваат наведените особини, порачува Жерновски.
Како доказ за, како што вели, трагикомичните лаги, амбасадорот ја објави фотографијата од предавањето на неговите акредитиви во романското МНР. Дополнително, онаму каде ќе биде потребно, вели ќе ја достави и неговата лична карта во Романија, која се издава на дипломати, на која пишува дека е амбасадор на Република Северна Македонија во Букурешт. Истата е издадена од Министерството за надворешни работи на Романија.