Црвениот крст на Град Скопје го одликувааше Генералниот директор и Претседател на УО на „Алкалоид“ со Оскар на хуманоста во категоријата Премиум партнер, како континуиран поддржувач на хуманата мисија која ја спроведува оваа организација во земјава веќе 8 децении.
-Со особено задоволство, во рамките на манифестацијата ’Оскар на хуманоста’, му ја доделуваме наградата „Премиум партнер“ на г. Живко Мукаетов. Неговата лична ангажираност значи поттик на индивидуално ниво, која потоа мотивира, и колективно развивање на општествената одговорност во „Алкалоид“ АД Скопје. Како личност препознаена во заедницата во која несебично дава помош и поддршка преку повеќе програми и активности на Црвениот крст, г. Мукаетов се истакнува како позитивен пример и во својата лична, но и во професионалната агенда, па Црвениот крст го поставува на високо место не само како поддржувач на нашите активности, туку и како партнер и пријател на хуманоста, истакнуваат од Црвен крст на Град Скопје.
Манифестацијата „Оскар на хуманоста“ се одржа во склоп на повеќето активности посветени на одбележувањето на Светскиот ден на Црвениот крст и Црвената полумесечина и на Неделата на Црвениот крст (8-15 мај).
Покрај премиум Оскарот за хуманост, беа доделени и награди во неколку селектирани категории: корпоративен сектор, образовни институции, единици на локалната самоуправа и медиуми.
-За нас како компанија и за мене како поединец Црвениот крст е синоним за хуманост, солидарност, човечност и поддршка. Место од каде се подава рака на секого кому му е потребна помош, отворена врата за најранливите општествени слоеви и стартна позиција на секој поединец или компанија кои сакаат да бидат општествено одговорни, истакна Мукаетов.