Зибери: Јавната администрација лани се намалила за 3.722 лица

Се намалува бројот на јавната администрација од година в година и лани државните институции ги напуштиле 3.722 вработени, изјави денеска народниот правобранител Насер Зибери. Тој го претстави посебниот извештај за примената на начелото за соодветна и правична застапеност на вработените во јавниот сектор за 2022 година. Лани има намалување на бројот на вработени Македонци за 0,9 отсто, а зголемување на вработените Албанци за 0,8 отсто, односно Македонците се 71,9 отсто од вкупниот број на вработени во јавната администрација, а Албанците се 21,4.

Вкупниот број на вработени во јавниот сектор во 2022 година изнесувал 130.377 лица, а во 2021 година 134.900 лица. Јавниот сектор брои 1.325 институции и органи на државно и локално ниво и за ова истражување на Народниот правобранител за прв пат одговор и податоци им дале сите институции.

– Анализата на прибраните податоци покажува дека мал е бројот на институции и установи, општани и субјекти формирани од нивна страна кои во 2022 година имаат солиден учинок во остварувањето на начелото на соодветна и правична застапеност, за разлика од оние кои не ги задоволуваат законски пропишаните норми и кои отстапуваат на сите полиња. Карактеристично за овие институции е дека имаат вработено лица само од мнозинската, а кај некои и од втората по големина етничка заедница и немаат вработено лица од помалите заедници, или пак, имаат вработено само мал број, при што не постои одредена процентуална застапеност, посебно во раководниот кадар на помалите заедници. Скоро сите помалубројни заедници се застапени со скоро идентичен процент на вработени како и изминатите години, што значи дека институциите не ги почитуваат во целост препораките на Народниот правобранител, а со тоа и не ги спроведуваат одобрените годишни планови за вработување во кои е изразена етничката застапеност и спроведување на уставното начело на соодветна и правична застапеност, рече Зибери.

Според истражувањето, турската заедница бележи пораст од 0,1 отсто во вкупниот број на вработени во јавната администрација и изнесува 2,1 отсто. Ромската заедница останува на ист степен како и во 2021 година, со застапеност од 1,3 отсто, исто колку и српската заедница која е застапена со 1,4 отсто. Кај влашката заедница има намалување од 0,1 отсто и застапеноста изнесува 0,6 отсто од вкупниот број на варботени. Бошњачката заедница останува на ист степен како и минатата година со застапеност од 0,5 отсто, а лицата кои се определиле како припадници на некоја друга заедница се застапени се со 0,7 отсто, исто како и во 2021 година.

Претходна вестМаж со нож го нападнал татко му, поднесена кривична
Следна вестЕкспертите упорнo ja опоменуваат Владата: Државaта треба сама да го гради „Чебрен“, не треба да се дава под концесија