Знаат ли Пендаровски и Ковачевски како се прави обединување и заедништво?

Помина уште еден државен празник во Македонија со бледо одбележување. Тоа, за жал, како да станува пракса.

Пракса стана и на вакви денови врвните политички функционери во земјава да повикаат на обединување на граѓаните. И секој празник истото си го верглаат.

Претседателот Стево Пендаровски и вчера постапи така – упати честитка до граѓаните за празникот и повика на обединување.

-Како и пред 130 години, така и ние мора да ги надминеме нашите поделби и да се обединиме околу заедничката цел – демократска и функционална правна држава со еднакви можности за достоинствен живот, истакнува Пендаровски по повод 23 Октомври – Денот на македонската револуционерна борба.

И премиерот Ковачевски настапи слично:

-Обединети, храбро и со забрзан чекор да продолжиме по европскиот пат и да обезбедиме прогресивна иднина за нашите деца. Нека е честит 23 Октомври, напиша тој на Фејсбук и така го одбележа празникот.

Слични се нивните повици и на претходните празнувања.

И? Дојде до толку потребното обединување?

Македонија е свиткана од болка нанесена од поделби, од реваншизми, од маргинализирање на оние што мислат различно од власта, од игнорирање на мислењето на голем дел од населението…

Дали Пендаровски и Ковачевски освен повици за заедништво всушност и работат напорно тоа обединување да се случи? Ако работат, што конкретно направија?

Во една пригода да повикуваш на заедништво, а во друга да кажуваш и правиш работи со кои не се согласува огромен дел од македонскиот народ не е добар начин за отворање пат кон обединување. Заедништво не се постигнува ако сопствените плати ги дигаш до небо и ги повикуваш на обединување оние кои немаат ни пристојна заработувачка или пензија.

Сосема друга работа е ако двајцава мислат дека обединување е – тие да кажат што треба да се направи, а целиот народ обединето да им ракоплеска. Ама ете тој нивен пристап не успева.

 

Претходна вестНаучниците веруваат дека Месечината е 40 милиони години постара отколку што мислевме
Следна вестАко се оданочат околу 3.000 најбогати поединци со 2 отсто, приходите би биле 250 милијарди долари