Знак на улица со дупки во Лисиче: да го гледаме знакот или да бегаме од дупките?

Ако скопскиот градоначалник ги лути и нервира граѓаните заради тоа што раскопа неколку клучни сообраќајници во метрополата истовремено, за да ги реставрира, кај помалите општини жителите им се лутат на нивните градоначалници за нешто друго. Имено гневни се што, како што велат, парцијално или воопшто не работат кога се во прашање споредните улици.

На пример жителите на Лисиче реагираат што сообраќајна сигнализација на споредна уличка е поставена врз распаднат асфалт.
-Ова е бесмислена работа, бидејќи на улиците им е потребен нов асфалт. Досега само неколку улици беа целосно асфалтирани и наместо тротоарите беа ставени бекатон плочки. Но тоа беше пред 5-6 години, а требаше истото да се случи и на другите улици. Сега што: да го пратиме знакот или да бегаме од дупките, пишуваат жители на Лисиче на социјалните мрежи.

Центарци пред некој ден се жалеа оти туку што пуштената во промет реставрирана „Васил Ѓоргов“, едно рано утро пак беше раскопана.
-Добро зошто?! Зошто ја затворивте, асфалтиравте, свечено се испофаливте и на крај пак ја раскопавте, барем објаснете? – осамнаа коментари на социјалните мрежи тоа утро.

Објаснувања нема, ниту за Лисиче ниту за Центар. А на граѓаните им останува да возат рели дури и по споредните улички за да не си ги искршат автомобилите.

Претходна вестМагливо до пладне, потоа ќе има и сонце
Следна вестВечерва онлајн промоција на книгата за деца „Мистериозниот град под калето“