ЗНАМ уверува дека знае како се станува партија без која не може да се прави влада

Висок изборен резултат за Максим Димитриевски и ЗНАМ. Како што велат од партијата – ја испишуваат новата политичка историја на македонската политичка сцена.

Иако е јасно дека не влегува во вториот круг, Димитриевски првиот круг од изборите го смета за голем успех.

-Можам да потврдам дека се роди третата политичка сила во македонскиот политички блок во државата која што имаме намера во следниот период дополнително да ја потврдиме и надградиме, со цел еден ден граѓаните да имаат можност да изберат нешто ново, рече синоќа Димитриевски.

Тој нагласи дека е горд на секој глас што го добиле како партија регистрирана пред само три месеци.

-Факт е дека јас како кандидат и ЗНАМ освоивме повеќе од 80.000 гласови. Регистриравме субјект кој постои нешто повеќе од три месеци и со граѓанската поддршка се етаблираше на трето место во политичкиот блок. Сметам дека тоа е одличен појдовен резултат за понатамошна борба. Јас не се сеќавам дека во историјата на плурална Македонија имало вакви примери, да имате партија со некаде три и пол илјади членови, а да освоите над 80.000 гласови, рече Димитриевски.

Тој е уверен дека ЗНАМ ќе биде политички фактор за стабилност во државата без кој нема да може да се формира идната влада. Најави дека кога ќе ги почнат преговорите за формирање парламентарно мнозинство, на сите политички партии ќе им ги испорачаат нивните предлози за црвените линии на македонскиот народ.

Сепак, конечниот збор ќе го кажат граѓаните на 8 мај. Тогаш поконкретно ќе се види колку ЗНАМ знае како се станува влијателна и силна партија.

Претходна вестСообраќајот тековно, по наместа влажни коловози
Следна вестПо тепачката во грчкиот парламент: еден пратеник заврши во болница, друг во притвор