ЗОО Скопје извести дека од оваа сабота, 9 ноември повторно ќе биде отворена за посетителите. Зоолошка градина ќе работи со редовно работно време од 09:00-17:00 секој ден.
Скопската Зоолошка градина беше затворена на 19 октомври, поради тоа што од Агенцијата за храна и ветеринарство беше утврден птичји грип кај гуска што долета во езерцето однадвор.
Како што тогаш соопшти АХВ, бил спроведен надзор во Зоолошката и било извршено хумано убивање на неколку видови птици.
Оттаму посочија и дека иако Зоолошката детектирала пцовисано животно на 14.10.2024 година, не постапила по законски процедури, односно не пријавила сомнеж на заразна болест до надлежниот официјален ветеринар. Со ова, од АХВ сметаат дека раководството на Зоолошката градина ги прекршило законските обврски и самостојно доставило примерок до Факултетот за ветеринарна медицина кој бил примен на обработка на 15.10.2024 година.
Претходно, од скопската Зоолошка градина обвинија дека надлежните без каков било доказ убиле десетици птици и обвинија за упад во зоолошката со кој, како што велат, „повторно се потврдува секташката политика на Владата на Христијан Мицкоски“.