Што е толку проблем за Советот на општина Ѓорче Петров да го прифати барањето на граѓаните за преразгледување на ДУП-от за Дексион Јурија? Доволна ли е аргументацијата дека ДУП веќе бил тoчка на дневен ред и бил изгласан на една од седниците?
Беше слушната и друга аргументација- меѓу членовите на иницијативниот одбор владеачките советници препознавале некои личности блиски до опозицијата.
Со вакви ставови на целиот случај околу овој ДУП му се дава една формално-правна и политичка димензија, а така не треба да биде. Зошто?
Заради тоа што ДУП за Дексион Јурија со она што го предвидува е во редот на оние ДУП-ови кои последниве месеци предизвикуваат оправдан револт во јавноста. Како, на пример, ДУП-от за Расадник, за 60-катниците во Центар, за Трнодол… заради мегаломанијата од зградите и висококатниците што ги предвидуваат. За вакви планови кои засегаат многу граѓани не може да биде оправдување дека завршила јавна расправа, дека планот е изгласан од Советите на општините и дека судските инстанци треба да бидат следна адреса на која треба да се обраќаат граѓаните.
Навистина, што е толку проблематично од формално правна точка на дневен ред да се стави едно барање за преразгледување на планот за да се сослушаат аргументите на граѓаните. На тој начин институциите какви што се Советите на општините само ќе си ја зајакнат довербата кај граѓаните со својата отвореност и подготвеноста да се сослушаат оние граѓани, па нека се и блиски до опозицијата, кои од разни причини не успеале да си ги кажат своите мислења во текот на јавните расправи по ДУП-овие. А инаку за тоа колку и како се одвиваат тие јавни расправи на сите добро ни е познато.
Со такви, накнадни, дополнителни точки на дневен ред на виделина ќе се изнесат сите аргументи зошто токму во Дексион Јурија е потребна висококатница од 60-тина метри, зошто во Расадник се потребни стотина згради. Може граѓаните ќе увидат дека грешат. Или, некој се плаши како да го аргументира и одбрани тоа што го направил?