Со години властите се нешто чекаат, а трасата е скоро готова и полека се оштетува
Во ситуација, кога се виде дека ќе има доцнење на целата траса Кичево – Охрид, завршувањето на делницата Требеништа – Подомоље – Охрид мораше да биде прв приоритет, смета Звонко Наумовски
Со години е тешка нервоза да тргнеш во летниот шпиц за Охрид – особено преку Кичево. Многу возила, а тесен пат со многу дупки. И нервозата да е поголема – со години патот се проширува, а никако тоа и да се случи. Да, неколку мали групи на работници кои нешто работат околу е она што возачите можеа да забележат околу патот кој е стесен на повеќе места, има пренасочувања, дупките во асфлатот се веќе бројни, земја насекаде, посебно е ризично ноќното возење… Сето тоа оневозможува сообраќајот да се одвива како што треба па долгите колони на возила, посебно во викендите, стана секојдневие и патот кон и од Охрид кон Скопје сега трае најмалку четири часа!?
-Годинава бев само еднаш до Охрид и можам да кажам дека патот е катастрофа. Тоа е многу убав збор за да опишам во каква состојба е, ни вели Зоран Бојковски.
Неговото искуство е резултат на сето она што во изминативе години се случува околу изградбата на новиот автопат Кичево – Охрид, а која веќе доцни со години. Започнат во 2014 година овој патен правец долг 57 километри кој требаше да чини 375 милиони евра и да се заврши во 2018 година, се уште стои недоправен. Градбата е речиси прекината поради недоразбирањата меѓу актуелната Влада и на кинеската компанија „Синехидро“ со кој беше склучен договор за изградбата. Се водат преговори… кои подолго траат од правењето на патот.
Зошто во меѓувреме не се заврши барем некоја делница која е скоро готова? На тој начин ќе се скратат маките на патниците. Трасата на новиот автопат е поделена на пет делници, а во овој момент најмногу е направено на последната: Требеништа – Подомоље – Охрид која е долга малку повеќе од десет километри и речиси целосно води преку рамничарски дел. Зошто таа траса да не биде брзо завршена за да колку-толку им се намалат маките на возачите? Тоа го бараат и граѓаните.
-Факт е дека изградбата на овој автопат неоправдано доцни. И во таква ситуација, кога се виде дека ќе има доцнење, завршетокот на делницата од Требеништа до Охрид мораше да биде прв приоритет. Завршувањето на еден дел од целата делница е решение за ваквото доцнење, Инаку, и јас возам со неизвесност и страв поради повеќе критични точки на патот, посебно ноќе и во лоши метео-услови, вели граѓаниот Звонко Наумовски.
Завршувањето на помали делници од една траса и се пуштаат во сообраќај е пракса која се применува при изградбата на неколку патни правци во Македонија како, на пример, Штип – Радовиш , Штип – Кочани и други. Со тоа граѓаните, барем еден дел од патот полесно го поминуваат.
-Кога возев кон Охрид, кај аеродромот, видов паркирани десетина булдожери и камиони кои служат за украс. Стоеја на исто место и кога одев и кога се враќав по неколку дена, вели Бојковски.
Граѓаните, очигледно, бараат одговор од надлежните. Бараат пред се акција и правење на работите за кои се платени. Во меѓувреме, и она што е направено до сега на оваа делница – пропаѓа. Токму поради тоа, не смее да се дозволи ваквата состојба да потрае и до следната сезона.
За 4 години ништо не е направено
Кичевчанец Мито Стефаноски ни вели дека е голем ризик да се вози по ваков „пат“.
-На патот се работи на некои подвозници и на по некој мост. За четири години ништо друго не е направено освен што се асфалтираа 5 до 6 метри за влезот кон аеродромот. За да возиш по овој пат најпрво треба да се поздравиш со фамилијата бидеќи можеш и жив да не се вратиш. Да останеше стариот пат подобро ќе беше, по безбедно за сите возачи. Покрај патот има отворени длабоки канали и во секој момент можеш да загинеш. Ужасно и срамно од странци кои доаѓаат и никогаш повеќе не ќе им текне да кинисаат за Охрид. Мое мислење или нека се прави или вратете го во првобитна состојба, затоа што нема ден без собраќајка и загинати, потенцира тој.