Денот да не почнува со телефонските кавги во утринските ТВ емисии

Уредникот и новинар на битолската телевизија „Тера“ Стево Башуровски на граѓаните им сугерира да гледаат се, но сепак денот да не им почнува со слушање на контактните емисии со граѓаните кои обилуваат со кавги.

Што им препорачувате на граѓаните да гледаат на телевизиските програми и зошто?

-Кратко и јасно, се да гледаат што има на телевизија, бидејќи колку и да ги критикуваме телевизиските содржини, тие се сепак многу подобри и побезбедни, отколку дремењето на социјалните мрежи. Како главен и одговорен уредник на Тера ТВ, сметам дека поголема штета врз развојот на секоја личност имаат социјалните медиуми и интернетот од било која условно речено „најглупава“ телевизиска содржина. Кога сите сакаме да бидеме држава со сите нишани, а тука вклучително и да бидеме правна држава, еве доказ плус кон оваа моја теза: ние радиодифузерите во делот на програмата работиме според законот и правилниците на Агенцијата за медиуми и сме под постојан мониторинг. Значи, на телевизија е се проверено и безбедно, а дека фалат одредени содржини и тоа е точно. Довербата кон телевизијата се враќа и во Европа и кај нас, затоа препорачувам што подалеку од лажниот свет (социјалните мрежи).

Што сметате дека граѓаните би требало да го избегнуваат и да го сменат каналот?

-Нека не им почнува денот со телефонските кавги. Утринските емисии се добри содржини на телевизиите бидејќи таму има теми од секојдневието, за работи што не сме ги знаеле, па ќе научиме и видиме нешто ново, преку интервјуа со личности кои за жал не би нашле простор во вестите на било која телевизија. Нека гледаат утрински емисии, но подалеку од телефоните и од утринските онлајн кавги за политиката и политичарите. Така ќе заштедат и на телефонските сметки и на своите и нервите на останатите гледачи.

Дали вашиот град во кој живеете е доволно застапено како тема на македонските телевизии, дали главниот град е доволно откриен како новинарска и секоја друга тема.

-Битола повремено ја има на националните медиуми. Поретко во централните вести, а многу повеќе во утринските емисии или во викенд вестите. Понекогаш се има впечатокот дека содржините од Битола се присутни кога треба да се пополни програма или кога нема што да се каже од Скопје па се повикуваат дописниците. Се надемам дека никој нема да ми забележи за оваа констатација, затоа што сакам и јавно да пофалам се што се прави во создавањето на телевизиската програма, за да не се себеуништиме низ интернет просторот.

Што би направиле како емисија за да биде задоволителна и вредна за гледачите?

-Образовна емисија, каде ќе се едуцираат и децата и повозрасните. Емисија во која ќе учиме за животот, за професиите, каде повеќе внимание ќе се посвети на талентите од било која област, емисија од која ќе можат гледачите да научат плус повеќе во секојдневието, и задолжително каде секодјевно ќе се третира темата со лажните вести, за потребата од медиумска писменост, и за проблемот со зависноста од паметниот телефон.

Претходна вестОд денеска вакцинација и во малата сала на СЦ Борис Трајковски
Следна вестЗошто барем 10-те километри автопат пред Охрид не се дозавршија и пуштија во употреба?