Огласот којшто го распишала фирмата „Бехтел и Енка“ за вработување на едно лице е незаконски бидејќи предвидува познавање на „северномакедонски мајчин јазик“, реагира денеска невладина организација Институт за демократија, човекови права и дигнитет. Во објавата на нивната интернет страница ова организација бара одговор од Владата но и од американско-турскиот конзорциум, зошто во објавениот оглас погрешно го наведуваат името на македонскиот јазик.
-Бараме одговор од македонската влада и фирмата Бехтел Енка, зошто на огласот за вработување за работното место „Водач за односи со јавноста“, е наведен официјалниот јазик на земјата како „северномакедонски мајчин јазик“, а не македонски, согласно закон? Зошто во албанската верзија, македонскиот јазик е наведен како „мајчин јазик на Република Северна Македонија“ и зошто во огласот за вработување од Бехтел Енка, македонската верзија е последна, по англиската и албанската?, се наведува во објавата на веб-страница на овој Институт.
Се додава дека огласот за вработување е спротивен на одредбите од Законот за употреба на јазиците.
-Тој ги дискриминира Македонците и треба веднаш да биде отстранет или корегиран, се потенцира во објавата.