Колумна на Пеце Лозанов:
На автопатот Гостивар – Тетово 19-годишното момче со своето возило излетало од патот по што починало на патот за болница. На патот од Битола кон Меџитлија, кој е во реконструкција, 42-годишниот маж загина откако со возилото излетал од патот. И во Скопје имаше слична несреќа: на влез-излез од парк-шума гази Баба возилото со две лица излетало од патот по што тие се повредени. Со повреди се здоби и возачот кој излетал од автопатот Тетово – Скопје кон крајот на минатиот месец… Излетувањата од патиштата како да станаа честа појава на нашите сообраќајници. Се чини и дека со својата бројност значително ги надминуваат класичните сообраќајки со судари на повеќе возила. Тоа веднаш води кон прашањето зошто се случуваат такви сообраќајни несреќи во кои, најчесто, нема некоја друга, индиректна причина за незгодата освен оние кои се однесуваат на возачот, возилото и патот по кој одат. Секако, не треба целосно да се занемарат индиректните причини за излетувањето од патот како што се, на пример, ненадејната појава на кучиња – скитници на коловозот, длабоки ударни дупки, неодбележано застанато возило, одрон на патот…
Но, многу често причина за излетувањето од патот е неприлагодената брзина на коловозот, а посебно на своците, погрешна проценка на возачите на кривините, невниманието, специфична конфигурација на патот, неодбележаност на коловозот, непостоење на заштитни банкини… Тука се и временските (не)прилики, снег, замрзнат коловоз.. причините се навистина бројни и укажуваат дека мора да се размислува за тоа како да се намалува овој вид на сообраќајни несреќи бидејќи бројот им е во постојан пораст.
Значи, потребни се соодветни контрамерки за идентификување на факторите на случување, особено со фатални незгоди. Решението треба да се гледа најпрво на лоцирање на критичните точки, потоа кон отстранување или модификација на опасната локација, подобрување на коловозната конструкција, или доколку тоа е „преголем финансиски залак“ да се оди со превенција и ублажување се додека не се подготват за решение и сериозно пристапат на овој проблем. Секако, тука е и голема одговорност на самите возачи, на оние кои управувата со возилото, кои решаваат со која брзина ќе навлезат во некој опасен свиок, кои не водат сметка за условите на коловозот, за ограничувањето на брзината, за можноста да се појави некое животно. Има повеќе фактори на кошто треба да се внимава за да не се случуваат вакви сообраќајни незгоди. Со поголема дисциплина и со поприлагодени патишта, тие навистина би можеле значително да се намалат.