Зошто „Лајка“ дури сега обучува тимови за ловење на кучињата скитници?

Од почетокот на годината до крајот на октомври 562 граѓани, само од Скопје, пријавиле дека се каснати од кучиња скитници. Тоа значи дека додека постојано се најавуваше стартот на стационарот „Лајка“- на терен не се работеше за стабилизирање на ситуацијата, а кучињата се размножуваа.

„Лајка“ конечно проработе. Но сега има друг проблем. Имено претпријатието дури сега врши обуки на тимови од неколку лица кои ќе вршат заловување на кучињата скитници од скопските улици. Како што соопшти директорката на стационарот Тина Петрушевска, еден тим веќе ја завршил обуката, а во наредните денови уште два ќе бидат едуцирани.

Судејќи според број на инциденти, логично се наметнуваат прашањата: Зошто се чекаше „Лајка“ да почне да работи за воопшто да се обучуваат луѓе за заловување на скитници? Зарем не требаше тоа да биде многу порано завршена тема за стационарот да почне да функционира во полн капацитет? Не се ли малку само три обучени тима кога знаеме колку е голем бројот на кучиња скитници и дека се мери во стотици?

Објаснување за овие прашања до овој момент нема, но тоа изгледа е вообичаена пракса на носителите на власта без разлика на партиската боја, не само на локално и на централно ниво. Одамна не сме слушнале презентација на некаква анализа за надлежните да ги оправдаат чекорите кои ги преземаат. Последните години граѓаните слушаат или ветувања или најави, па потоа ветувања, па најави…

Претходна вест24 починати и 913 новозаразени од Ковид-19
Следна вестГала гонцерт вечерва во режија на Дејан Прошев во МОБ