Зошто лозјата се закројуваат токму на Свети Трифун и какви обичаи постојат низ различни делови од Македонија?

Какви се обичаите?
Според обичаите, лозарите за првпат одат на лозјата во новата календарска година и ги закројуваат, надевајќи се дека така светецот ќе помогне грозјето да биде благо, а бочвите полни со вино. Попрскувањето на лозјата со светена вода и поткаструвањето на гранчињата, се прави со верување дека Свети Трифун ќе го заштити родот од разни болести, штетници и од невреме. Исто така, постои верување дека светецот на својот празник забодува факел во земјата, па снегот почнува да се топи. Многумина веруваат дека токму на овој ден започнува пролетта, се будат природата и љубовта меѓу луѓето, пренесува Агротим.

Едни го сметаат овој празник за последен од зимските, а други за прв од пролетните празници. Во некои краишта на Македонија како што се Охрид и Прилеп празникот е познат и како свети Трипун (или Триун) – пијаница. Како што забележале собирачите на македонските народни умотворби, но и на народните обичаи и верувања, тој бил покровител на меанџискиот еснаф, но и заштитник на лозарите и градинарите. Се верувало дека тој ги штити лозјата и градините од разни штети и несреќи (болести, инсекти, градоносни облаци и сл.), поради што луѓето го славеле и во негова чест изведувале многу интересни обичаи.

Историја на празникот
Во повеќе краишта на Македонија на овој ден рано наутро се одело во црквата каде што попот пеел молитва и светел вода. Од оваа вода за која се смета дека со осветувањето е ослободена од сите негативни демони и има лековита моќ, луѓето земале во шишиња и ги прскале лозјата при што го изведувале и обредното закројување. Во Скопско, како што забележал М. Кратовалиев, во запис од деветнаесеттиот век, на тој ден по црквите крштевале вода, и од таа вода секој селанин си носел по лозјата заедно со пепел. Во лозјето ќе турел малку од пепелта и ќе полеел од крстената вода. Водата ја поливал за да има бериќет, а пепелта за да „испрхнува“, т.е. да бидат поголеми зрната на гроздовите. Потоа закројувале по неколку лозинки, по што седнувале, се гоштевале и правеле големи веселби.

Вакви обичаи од Скопско во минатиот век забележал и К. Шапкарев кој запишал и обичаи од Струга каде што, исто така, се прославувал овој празник. К. Шапкарев сведочи дека во Струга св. Трифун на потсмев го викале „Триун пијаница“ и го сметале како претседател и покровител на градинарството и лозарството, бидејќи ги чувал градинарските сеидби и лозјата од пакосните инсекти кои ги уништувал. „За време на тој ден уште од рано, со истата цел, градинарите повикуваат еден свештеник, да освети вода во градината и после со неа ги поросува посевите, кога истовремено ќе ги прочита соодветните молитви кон св. Трифун, за да ги истреби од градината сите пакосни подземни и надземни инсекти од каков и да било вид. А, пак, лозарите и тие со иста цел, уште од зора, секој оди во своето лозје, и во секое лозје, колку ги има искаструва по неколку пенушки. Тоа се вика „зарежвење“.

Во селото Фотовица, Неврокопско, како што стои во еден запис од деветнаесеттиот век објавен во цариградскиот весник „Новини“, по отпуштањето од црквата секое семејство земало во шише од светената (пеана) вода, земале и леб, храна, вино и ракија и оделе во лозјето. Откако домаќинот ќе го попрскал лозјето со светена вода, застанувал на едниот негов крај, а друг член на семејството застанувал на другиот крај. Тогаш домаќинот ќе викнел: „Дедо Трифоне, каде си?“ Другиот, кој бил легнат меѓу лозите за да не се гледа одговарал: „Чуја, Чуууја!“ Ова се повторувало три пати по што домаќинот ќе речел: „Не мога да те вида од црни бели гроздаци.“ Потоа извикнувал „Дедо Трифонеее! Ела да јадем и да пием!“ На тоа другиот му одговарал: „Чуја, чуја! Ето, ето!“ Двајцата доаѓале во средината на лозјето, каде што одрежувале една лоза, потоа втора одрежувале на едниот крај и трета на другиот крај. Во средината на лозјето ископувале дупка длабока две до три педи, во неа го ставале шишето со останатата светена вода и го закопувале. Тоа го правеле за да го заштитат лозјето од градобијни облаци. Кога ќе завршеле со тоа ставале трпеза на која членовите на целото семејство јаделе, пиеле и се веселеле до доцна вечерта.

Во Банско, пак, според записот на браќата Молерови на Свети Трифун децата оделе во градината под лозницата, каде што јаделе пржени јајца и викале: „Куку Трифонеее, не мога да те здогледам од црни бели гроздишча като мојте бутовишча!“ Тоа го правеле за лозата да роди обилно.

Според записите од поново време на З. Делиниколова, во Радовиш, рано наутро, во црквата во бакарен казан „арнија“ крштевале „трипунска вода“ од која потоа земале во шишиња и ја чувале во текот на целата година, за здравје. Со оваа вода ги прскале лозјата и нивите за бериќет или во случаите кога ќе се појавела некоја болест по нивите. По завршувањето на службата во црквата целиот народ заедно со попот и певците оделе во полето каде што во некое лозје по прочитувањето на моливите попот го попрскувал лозјето со светена вода и закројувал три лози со благословот „Дај боже бериќет“. Пресечените лози пак ги потурале со вино и со ракија. Бидејќи овој ден се сметал за меанџиски празник во Радовиш на Св. Трифун се пиело без пари по меаните. Оној што најповеќе ќе се опијанел и ќе се валкал по земјата бил избиран за „цар на пијаниците“ и ова признание го носел преку целата година.

Во Куманово, исто така, според понови записи што ги направил В. Николов, членовите на лозарскиот еснаф од своите редови избирале кум кој „ќе сече колач“ за празникот. Колачот го месела домаќинката на кумот од пченично брашно. На празникот рано наутро еснафот заедно со попот излегувал надвор од градот кај лозјата („Лојзарско место“) каде што попот светел масло, крштевал вода, а потоа го сечел колачот од кој секој земал по едно парче и го јадел како нафора. Потоа за адет закројувале по неколку лози и ги попрскувале со вино и со ракија. Тука јаделе, пиеле и се веселеле со свирки и тапани. Притоа и се тркалале низ лозјата за така и бочвите да се тркалаат полни со вино. Очигледно дека се работи за имитативната магија, верувањето дека сличното произведува слично.

Според верувањата во Гевгелиско, што ги запишал С. Тановиќ, свети Трифун бил винар и имал многу лозја. Поради тоа што овој крај се наоѓа на југ и пролетта побргу се чувствува се сметало дека од овој празник почнува да мириса на лето па се велело: „Свети Трифун сече ама на лето мирисе“. Од овие причини, на овој ден се започнувала работата во полето, особено во лозјата и бавчите. Жените, пак, на овој ден ништо не работеле особено избегнувале работа со игла. Попладнето оделе во полето каде што береле зелје зашто се верувало дека на тој ден треба да се касне зеленило.

Во Тиквешијата, исто така, се изведувале богати обичаи што имале цел да обезбедат богат род на оваа култура. Рано наутро лозарите оделе во своите лозја каде закројуваат неколку лози. Притоа закроените лози ги полевале со вино и благословувале: „Господе, ти давам едно шише со вино, за илјада да ни подариш“. Во Ваташа при полевањето со вино и ракија се велело: „Еве ти вино и ракија, а ти дај ни убаво и квалитетно грозје, да можеме да зобаме и вино и ракија да правиме. Бериќетна да ни е годината, да тежи од род.“ И овде по закројувањето се тркалале во лозјето за да се тркалат и бочвите полни со вино. Во Ваташа било обичај по закројувањето свештеникот, во црковниот двор, да забоде запалена гламја во земјата со што се сакало да се забрза заминувањето на зимата и доаѓањето на пролетта.

Претходна вестОстанува ли Пендаровски сам?
Следна вестЛога во Хаг ја потпиша Конвенцијата за меѓународна соработка во истрагата на воени злосторства