Зошто МПЦ-ОА крие што преговара со Вселенската патријаршија?

Полека поминуваат првите големи православни празници во новата година. МПЦ и верниците во Македонија достоинствено празнуваа и се молеа во храмовите. Сега се чекаат Водици…

Се чека и разврска на едно важно црковно прашање. До каде е работава околу автокефалниот статус на МПЦ-ОА?

Се заокружи тој процес или продолжува и се чека Томос од Вселенската патријаршија, е дилемата која ја има во јавноста.

Полека изминува и втората година откако вселенскиот патријарх призна дека МПЦ-ОА постои како Црква. Толку време помина и откако СПЦ го издаде нејзиниот Томос со кој и ја признава автокефалноста. Но, македонскиот автокефален статус и натаму не е признаен од сите православни цркви, па ниту целосно од Вселенската патријаршија.

Проблемот, според сознанијата, почна да се развива откако почна да се преговара околу тоа кои би биле условите под кои Вселенската патријаршија би ја признала МПЦ-ОА како автокефална црква и би и го дала Томосот. Тоа предивика ситуација во која за дел од македонските владици дека наметнатите услови од Цариград се неприфатливи и почнаа да зборуваат и да го застапуваат ставот дека Томосот добиен од црковен Белград е доволен акт за потврда дека МПЦ-ОА е автокефална црква. Но, вака не мисли дел од други членови на синодот.

Така, на пример, пред неколку месеци, преспанско – пелагонискиот митрополит Петар преку телевизија соопшти дека Вселенската патријаршија поставува ултиматуми коишто се неприфатливи. Според владиката, условувањата се однесуваат на прашањето на употребата на името на Македонска православна црква – ОА, но и за други работи.

– Вселенската патријаршија бара ерга омнес за името на МПЦ-ОА и никаква изведба на името Македонија, македонска, бара да се самооткажеме од името Македонија, македонска. Нас не не интересира како некој ќе не нарекува и како некој ќе ни дава пусулче  што сме и како сме. Нас не интересира дали некој нам ни забранува да се именуваме како Македонска православна црква- Охридска Архиепископија Јустинијана Прима. Ако некој ми забранува тоа, мене од него не ми треба ништо. Ни томос, ни ова, ни она, ништо. А ако некој не ми го забранува тоа, а сака да не именува како Охридска Архиепископија, како Јустинијана Прима или како Македонска црква тоа е негово право. Од нас се бара, конкретно од Цариградската патријаршија ние да не се именуваме никаде и да не кажуваме дека сме Македонска православна црква, потенцира владиката Петар.

Според него, но и некои други владици, СПЦ ни дала Томос со кој ни ја признала целосната автокефалност и не признала под полното име, а дека само препорачала проблемот со името да се решава во дијалогот со другите цркви кои имаат проблем со тоа. Тој воедно и потсети дека токму Вселенската патријатшија ја упатила МПЦ-ОА да бара томос од СПЦ.

Во однос на стравувањата дека Цариградската патријаршија ќе бара да управува со македонските епархии во странство митрополитот Петар е категоричен дека никој не може да ги одземе епархиите од МПЦ-ОА.

-Дијаспората и припаѓа на секоја помесна православна црква која има дијспора. Ние самите сме си ја создале дијаспората. Не ни ја создаде Цариградската патријаршија па да ни ја бара. Тоа прашање е јасно и конкретно. СПЦ и сите други цркви не ни ја оспоруваат дијаспората. Ние дијаспората никому не треба да да ја даваме оти е наша. Зошто не ја земаа дијаспората на СПЦ, на Руската, на Антиохиската црква, на Бугарската, Романската црква…, наведе тогаш митрополитот Петар.

За разлика од него, европскиот митрополит Пимен неодамна изјави дека Условите за конечниот Томос од Вселенската патријаршија „ни оддалеку не се толку страшни како што некој ги пласира во јавноста“. Тој додава дека Томосот кој е добиен од страна на Српската православна црква е препорака и претставува половина од изодениот пат на нашата Црква кон автокефалноста. Конечниот Томос, според него, треба да го даде Вселенската патријаршија.

-Ние им благодариме на СПЦ за пружената рака, за прекинот на изолацијата преку сè почестите сослужувања, за надминатите децениски недоразбирања и за писмената препорака до целиот православен свет да го прифати нашето афтокефално постоење, односно документот кој тие го нарекоа Томос. Но не треба тука да се застане. И покрај разногласието во Синодот на МПЦ- ОА, јас верувам дека до добивањето на конечниот Томос од Вселенската патријаршија никогаш нема да престане дијалогот со Цариград, бидејќи не би требало да бидеме задоволни со половични решенија. Но, ќе треба многу време за да се соберат сите расфрлени пердуви во јавноста за „непристојните предлози“ од страна на Цариград за крадење на дијаспората, за откажување од вековното име…, вели митрополит Пимен.

На прашањето дали постојат затскриени условувачки клаузули од страна на Вселенската патријаршија кои допрва Синодот треба да ги испорача тој одговори дека условите не се тешки.

-Никогаш не е прекинат дијалогот со Вселенската патријаршија и нема да се прекине. Засега усно се спомнуваат 2-3 услова за доаѓање до конечно решение, кои ни оддалеку не се толку страшни како што некој ги пласира во јавноста, потенцира овој владика.

Очигледно, меѓу овие владици постојат големи разлики околу тоа какви услови се поставуваат пред МПЦ-ОА од страна на Вселенската патријаршија. А, верниците очекуваат работите да се јавни.

Зошто ако не се страшни условите кои ги наметнува Вселенската патријаршија не се кажат јавно? Всушност, зошто не се каже пред верниците и цела Македонија што се преговара со Цариград?

Јавноста во Македонија има непријатни сеќавања како политичарите тајно преговараа околу важни идентитетски прашања. Тогаш имаше дури и по некој владика кои учествуваа во кампањи за да оправдаат, а и граѓаните да го прифатат, болниот резултат од едни такви политички преговори со странци.

Овој пат, со транспарентност сето тоа мора да се избегне. Па нели треба по словото на Исус да се оди? Тој не правеше работи позади сцената.

Претходна вестОдземени знамиња со сонцето од Кутлеш, „Немате толку обезбедување колку што имаме знамиња“, порачаа македонските навивачи
Следна вестСекое трето возило има зелен картон, другите уште ќе имаат црвен?