Премиерот Зоран Заев денеска пак упати нова порака за обединување во Македонија. Овој пат таа не е вообичаено општа и зборува за обединување со опозиција за конкретен проект.
Ваквите негови пораки за обединување, за единство, заедништво… до сега беа резервирани за церемонијални обраќања на државните празници. Сега, пораката се случува по бугарското вето за Македонија и неостварените ветувања на Заев дека Македонија ќе почне преговори со ЕУ откако беше потпишан Договорот за доброседството со Бугарија.
– Крајно време со опозицијата заедно да се направи нешто добро. Од духот на внатрешното помирување не смее да се откажеме. Малку сме, браќа сме. Во такви околности секогаш треба да правиме тенденции кад еможе да се помириме, да застанеме зад проекти. Дали е „За татковината со љубов“, дали е иницијативата во парламентот каде што Филипче разговара со сите за „Клиничкиот центар“. Луѓе и на Мицкоски, Села, Ахмети ни викаат – дајте еднаш застанете сите заедно зад една работа. И треба да не гледа народот. Во многу развиени земји сите застануваат заедно. Новиот Клинички центар е проект за здравството, за државата. Знаеме дека еднаш засекогаш треба да го решиме. Втората работа е што доаѓа во време кога здравството е највисок приоритет за сите нас. Нашиот предлог е опозицијата да има мнозинство во таа комисија. Нека влезат, нека бидат коректив и заеднички да направиме нешто добро. Да оставиме една заедничка оставштина, изјави денеска Заев.
Како премиерот го избра баш проектот за Клиничкиот центар за обединувачка работа? Зошто за обединување не е избрана надворешната политика на Македонија која сега го тишти и дели општеството, туку избрана е изградба на болница?
Колку за потсетување, тој неодамна рече дека не сака разговор со лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски околу ЕУ интеграциите. Заев, имено, одби да се одржи лидерска средба со Мицкоски бидејќи ставовите му биле „ризични“.
Искуствата на многуте земји, а така треба да е и кај нас, покажуваат дека власта и опозицијата се обидинуваат во важни моменти за секоја земја. Таков момент е сега со бугарското вето, таков момент беше кога се носеше Договорот со Грција, со Бугарија… но тогаш немаше покани и понуди за обединување. Зошто, треба да објасни премиерот. Сега, се бара обединување околу Клинички центар. Дали заради вистинското обединување или потребата и опозицијата да даде согласност за задолжувањето во странство за овој проект кое сигурно ќе следи, а по што ќе се распишуваат тендери за додела на проекти за изградба на фирми?
Инаку проектот за новиот Клинички центар владечаката СДСМ и партнерите до сега го туркаа сами наспроти проектот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ која планираше изградба на нов центар во кругот на веќе постоечкиот Клинички центар „Мајка Тереза“. Владата на неодамнешната седница утврди и Закон за реализација на Клинички центар кој треба да чини околу 450 милиони евра на локацијата во Ѓорче Петров.
Верува ли всушност самиот Заев во своите повици за обединување? Работи на тоа тие навистина да се остварат или…?