Зошто не се бара системско и трајно решение за нормално функционирање на ЈСП „Скопје“?

Скопјани утрово куртулија од вчерашната најава на синдикатите во ЈСП „Скопје“ дека по градот нема да има јавен превоз. Сепак во последен момент решија да не штрајкуваат.

Но, тоа не се знаеше до последен момент па за многу граѓани уште синоќа имаше нервози и неизвесност околу тоа како денес да стасаат до планираните одредишта. Вакво нешто имаше и пред еден месец. Го заслужуваат ли тоа скопјани?

Решението се најде откако вработените одржале средба со директорот кој им ветил исплата на плати за денеска, им рекол дека бил надминат проблемот со трезорот и со префрлувањето на парите за субвенции. Значи, нешто што не можело да се среди за последниве петнаесет дена, вчера било решено на брзина откако стасала заканата за штрајк.

Така ли ќе биде и следиот месец? И тогаш ли ќе се чека 15, 16-ти датум во месецот за да не бидат префрлени пари за платите на вработените, односно, не бидат трансферирани средства од големата субвенција од 11 милиони евра кои Советот на Скопје минатиот месец им ја исплати. Тогаш се велеше дека овие средства се доволни за функционирање на најголемиот градски превозник до крајот на годината, дека се ќе функционира како што треба. Но, ете, не испаднало така што значи дека проблемите со ЈСП може да се повторуваат секој месец спроти исплатата на платите на вработените.

Секој месец ли ќе се случува ова? Вакво заложништво на граѓаните веќе не смее да се дозволува.

Едноставно, мора да се најде решение за проблемот со функционирањето на ЈСП „Скопје“. А тука клучно прашање е: како да се финансира ЈСП кое бара доста пари? Вака, по принципот да се закажувата итни седници, на брзина да се носат одлуки за милионски субвенции, а потоа пак да избувнуваат проблеми веќе не оди. Мора да се најде системско решение за најголемиот градски превозник. А тоа значи определување на систем со кој ова претпријатие ќе може да работи профитабилно или барем стабилно на долг рок.

Сега на неколку месеци се свикуваат седници кои се претвораат во арена за партиски конфронтации и водење на кампањи. А суштината е во тоа како да се обезбеди јавност во трошењето на парите што ќе му се дадат на ЈСП „Скопје“. Доколку е тоа проблем, тогаш, еве, нека советниците си одржат посебна седница на којашто ќе ги договорат механизмите како ќе се прави увид и ќе се добиваат прецизни финансиски извештаи. Ако е проблемот големиот број на граѓани кои користат бесплатен јавен превоз, тогаш нека се преиспита оправданоста на ваквата мерка. Но, наместо ова, се даваат ветувања дека ќе има и целосно бесплатен превоз…

Напоредно со ова, мора конечно да се донесе стратешка одлука и каков концепт на јавниот превоз во иднина треба да има во Скопје. Односно, да се избере концептот – трамвај, тролејбус, БРТ… кој ќе ги задоволи еколошките и транспортните потреби на градот. А изборот на новиот концепт треба да биде заеднички – и на власта и на опозицијата во Градскиот Совет оти за ваков долгогодишен проект мора да има заедничка согласност. Ќе почнат ли оние што ги носат одлуките во Градот Скопје да размислуваат за сето ова? Или, повторно проблемите ќе го ставаат како клипови во тркалата на автобусите?

Претходна вестВолците од Чернобил отпорни на ракот, како?
Следна вестСе спрема голем договор: Зеленски ќе се сретне со Шолц и Макрон