Се спрема голем договор: Зеленски ќе се сретне со Шолц и Макрон

Украинскиот претседател, Володимир Зеленски во петок ќе ги посети Германија и Франција и планира да се обрати на Минхенската безбедносна конференција на 17 февруари, соопшти денеска кабинетот на Зеленски.

Елисејската палата денеска соопшти дека Франција и Украина во петок ќе потпишат билатерален договор за безбедносни гаранции. Во соопштението се наведува дека францускиот претседател Емануел Макрон требало да го потпише договорот во Украина овој месец, но дека го одложил патувањето „од безбедносни причини“.

Нагласено е дека посетата на Зеленски на Париз ќе биде можност Макрон да ја потврди решителноста на Франција да продолжи да дава долгорочна, непоколеблива поддршка на Украина и на украинскиот народ, објави „Ројтерс“.

Дипломатите навеле дека Зеленски оваа недела ќе склучи билатерални договори за безбедносни гаранции со Франција и Германија.

Договорите обезбедуваат рамка за долгорочна хуманитарна и финансиска помош, поддршка за реконструкција и воена помош.
Дипломатски извори изјавиле дека Франција ќе објави дека издвојува 200 милиони евра за граѓански проекти во Украина кои ќе ги изведуваат француски компании.

Претходна вестЗошто не се бара системско и трајно решение за нормално функционирање на ЈСП „Скопје“?
Следна вестПутин: Ако сакаме да траеме како етничка група мора да имаме барем две деца