Најмладиот починат пациент како последица од ковид 19 последното деноноќие има 22 години. Како што соопштија од министерството за здравство се работело за родилка која имала ризична бременост, била дијабетичар и имала проблем со тироидната жлезда.
Примена била во ГОБ „8ми септември“ на 26 ноември со компликации, по што плодот бил мртов па се извршило породување со царски рез. Младата жена за цело време била на респиратор.
Претходниот ден 28-годишен пациент ја загуби битката со ковид 19. Старосната граница на смртност се спушта, иако надлежните се обидуваат да смират нагласувајќи дека бројките на новозаразени сепак паѓаат.
Во меѓувреме, 100-те нови кревети поставени во некогашната „Мала Богородица“ никако да профункционираат. Иако итно се прогласи кризна состојба во државата, со недели новиот ковид-центар е заглавен во бирократски процедури. Проблем е да се потпише поставување на боцата со кислород, која се третира како опасен резервоар среде населено место, а е неопходна за пациентите кои таму би биле сместени. Прашањето е кој треба да потпише. Три институции си ја префрлаат топката. Според, досегашната пракса специјалното оделение при МВР треба да даде дозвола, ангажираната фирма да изготви елаборат кој треба да го провери министерстовто за животна средина. Како ненадлежни засега се прогласија општина Карпош, Министерството за транспорт и врски и здравство.
Приватните пак болници ќе чекаат институциите да се договорат, па потоа ќе го полнат ковид-центарот со кадар. Надоместокот за лекување на пациентите и медицинскиот персонал ќе ги плаќа државата.