Зошто СДСМ инсистира на избори во Штип и Пласница, па макар и сами да учествуваат на нив?

Потребни ли се нови локални избори на 13 декември за градоначалници на Штип и на Пласница само девет месеци пред терминот за нови локални избори во Македонија? Сега има и алармантно ширење на корона вирусот во земјава, а и изборите ќе чинат многу пари кои нели ги нема за компјутери за учениците, недостасуваат во здравството…

Ваква дилема ги подзамисли некои од партиите, ама не и владеачката. Да потсетиме, гласањето произлегува откако досегашните градоначалници Благој Бочварски и Исмаих Јахиоски беа избрани за министри, а на нивните места дојдоа вршители на должности – Јане Миланов и Елсат Нурчески. Значи, замени има и општините не се без раководни лица.

Најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ соопшти дека изборите не треба да се одржуваат бидејќи се загрозуваат граѓаните.

-Тие се опасност за здравјето на граѓаните во Штип. Да се има избори во Штип значи нови заразени и мртви во Штип од корона. Не постои нешто како сигурни избори и заштитено здравје, соопшти оваа партија.

Сличен став имаат и други опозициски партии – Левица, Алијанса на Албанците, Алтернатива, Глас за Македонија…

-Во време на корона е сулудо да имате избори, има ризици по јавното здравје и тоа е многу неиздржливо да правите избори за 8, 9 месеци до редовните избори во општина во која што веќе си добил градоначалник, тоа е од СДСМ, изјави Димитар Апасиев, лидер на Левица.

Наспроти ова, од СДСМ сметаат дека изборите треба да се одржат.

-Христијан Мицкоски е свесен дека шансите за негова победа на предвремените локални избори, но и какви било други избори се многу мали. Изборите ќе бидат стопроцентно безбедни по јавното здравје, изјави Костадин Костадинов, портпарол на владеачката партија.

Овие партиски расправи се случуваат кога Македонија забележува рекордни бројки на новозаболени од корона вирусот кои вчера достигна 1.275 лица, кога се донесуваат нови мерки за заштита, кога на граѓаните им се забрануваат групирања, кога се советуваат да не излегуваат надвор од домовите. Ама ете и се повикуваат на гласање.

Зошто СДСМ, односно владеачките партии, инсистира на избори, навистина не е јасно. На крајот на краиштата, овие две општини имаат веќе вршители на должности кои мандатот можат да го приведат кон крајот во наредниве девет месеци. А тоа ќе значи и заштеда на парите за изборите кои се плаќаат од државата каса која постојано е празна и се пополнува со се поголемо задолжување на странство…

 

Претходна вестВМРО-ДПМНЕ: Додека граѓаните умираат од вирусот, министрите се тестираат бесплатно и приоритетно и добиваат екстра терапии
Следна вестСе сетија на езерата: Привремено ќе запре производството на струја од хидропотенцијали