Секој од функционерите треба да поднесе детален извештај за тоа каде одат парите од граѓаните. Тоа значи дека и поранешниот градоначалник треба конкретно да каже каде се тие, на која сметка, смета Дејан Ќурчијевски
Поминаа три месеци како Скопје има нов градоначалник. Поминаа и три месеци откако стариот градоначалник го снема во јавноста. А има што да објаснува. Јавноста остана без отчет од Петре Шилегов, скопјани не добија детална информација за што биле трошени по милионите евра што беа дел од градскиот буџет. Но, без одговор остана и каде завршија 12,7 милиони евра, парите од продажбата на објектот Градска куќа под Кале. Она што е познато е дека Шилегов објавил оглас за купување на нов објект во централно градско подрачје во вредност до 11 милиони евра. Меѓутоа, огласот не доби епилог, а каде се парите не се објасни.
Каде се парите праша и градоначалничка Данела Арсовска уште во време на изборната кампања.
-Градот Скопје не сака даде отчет каде ги потроши тие 12-те милиони евра, а огласот кој е објавен незаконски токму среде избори кажува дека 11 милиони евра ќе намени за оваа цел и ќе ги плаќа на рати, изјави тогаш Арсовска.
На ова веднаш следеше реакција од штабот на Шилегов и СДСМ кои ги отфрлија сите обвинувања.
-Данела Арсовска, продолжува во јавноста да шири неинформираност и непознавање на законите, мислејќи дека некој може да продаде јавен имот и парите да ги снема, одговорија тогаш од штабот на Шилегов.
Арсовска, пак, тврдењето дека парите од продажбата ги нема го повтори и на првата конференција за печат откако беше избрана за градоначалничка. На ова, меѓутоа, немаше одговор од Шилегов. Со тоа и дилемата остана во јавноста: каде, всушност, завршиле парите? Дали се на сметката во градскиот буџет, дали на некоја друга посебна сметка, дали се трошени, дали нешто е останато…? Шилегов по изборите молчи и не одговара на ова важно прашање.
Граѓаните, пак, сметата дека треба да се даде јасен одговор.
– Секој од функционерите треба да поднесе детален извештај за тоа каде одат парите од граѓаните. Тоа значи дека и поранешниот градоначалник треба конкретно да каже каде се тие, на која сметка?, смета граѓанинот Дејан Ќурчијевски.
Интересно е да се наведе дека во објавениот оглас за купување на нов објект за Градска куќа Шилегов навел дека таа треба да биде во вредност до 11 милиони евра, а за плаќањето „парите се обезбедените од буџетот на Град Скопје, и плаќањето ќе се врши на најмногу 24 месечни рати“. И ова прашање, зошто било потребно објектот да се плаќа на рати кога веќе постоеле парите од продажбата, остана без одговор.
И граѓанинот Љупчо Цветковски смета дека отчетот морало да биде поднесен.
-Некој кој ја напушта функцијата или работно место треба да се отчита за потрошеното и за тоа што е останато во буџетот. Но, многу наши функционери за рекордно време си направија големи викендички, станови, куќи за внуци и внуки и дебели банковни рачуни, потенцира Цветковски.
Да се надеваме дека наскоро ќе се знае каде се парите на скопјани. Засега е извесно само дека ниту пари има, ниту нова градска куќа има. Одговорот треба да го даде Шилегов, а ако тоа не се случи, одговорот треба да го даде новата градоначалничка.
Парите ги нема, градска куќа нема…
Само во Македонија може толку голем износ на пари на граѓаните уште да не се знае каде завршиле. Како во Град Скопје да се слеваат секој месец енормни милијарди евра, а „ситнишот“ од десетина милиони евра едноставно се „изгубил“.
И така, сега парите ги нема, а и градска куќа нема.