Информација за стратешките набавки во Армијата во наредниот период денеска ќе биде единствена точка на дневниот ред на седница на Советот за национална безбедност кој го закажа шефот на државата Стево Пендаровски. Согласно на темата, на седницата се повикани само началникот на Генералштабот на Армијата, директорот на Агенцијата за разузнавање и директорот на Агенцијата за национална безбедност. И ништо друго како тема, никој друг како поканет учесник кој можеше да придонесе за разговор околу некој друг проблем кој ја тишти Македонија.
Проблеми има многу, ама ги нема ниту под точка „разно“.
Да, стратешките армиски набавки се важни бидејќи ретко ги правиме и најчесто чекаме на донации од други армии. Но, нели е пандемијата нешто што треба да биде на дневен ред? Особено што институциите слабо се справуваат со неа.
Плус, од очекуваните и ветени вакцини уште нема абер, се чека некој да се смилува и ни отстапи дел од нив. Токму шефот на државата синоќа објасни како големиот производител „Фајзер“ не сакал ни да преговара со мали земји кои сакаат нивни вакцини. И? Како понатаму, ќе се координираат ли надлежните институции по ова прашање, ќе преземе ли нешто претседателот?
Плус, новиот бран на вирусот и непочнатата вакцинација најдиректно го загрозуваат и пописот на населението кој станува дополнителен ризик за нови заболени. И не само тоа, најавите од партиите за бојкотот на пописот веќе стануваат реалност и се бара одложувањето на пребројувањето во име на сигурноста на граѓаните но и поинакви решенија за кредибилно пребројување. Токму шефот на државата јавно изјави дека тука треба компромис, па кога за тоа ќе се расправа и каде?
Сите овие теми, а има и други, требаше да се најдат на негова денешна седница. И тоа барем под точка „разно“. Оти состојбата е сериозна и потребен е сериозен пристап на сериозни функционери.