Втор ден откако опозицијата најави дека учебната година може да доцни затоа што нема т.н. главни книги за училиштата, власта ниту демантира ниту објаснува што се случува. Проблемот, според претседателката на Комисијата за образование на ВМРО ДМНЕ, Весна Јаневска, е што неодамна испечатените книги се со многу грешки и ќе треба одново да се печатат.
– Имено, во ист работен ден, училиштата добија известување од Бирото за развој на образованието дека треба да ги подигнат главните книги за учебната 2022/2023 година, за потоа доцна попладне повторно да бидат известени да не бараат Главни книги, бидејќи има грешки во печатењето и поради тоа главните книги ќе треба да се препечатат. За печатењето, почитувани, повторно е избрана фирмата „Арберија“, спонзорот на ДУИ – рече Јаневска.
Грешката во Главните книги се испревртени страници без никаков редослед на описно и бројчано оценување, без редослед на реден број на учениците, со еден збор направен е целосен хаос.
-Според договорот од први август годинава, фирмата Арберија Дизајн од Тетово, фирма блиска на ДУИ, која се јавува и како нејзин голем спонзор и донатор, се обврзува дека педагошката документација и евиденција ќе испорача за пет дена по нарачката од Бирото за образование. Второто пак, како нарачател се обврзува да направи претходна контрола на техничката подготовка за печатење, квалитетот на печатените материјали и писмено одобрение за дистрибуција, објаснува Јаневска.
Таа упатува на најодговорните: или Арберија не сработила како што треба, по контролата од МОН, или контролата на МОН потфрлила.
-Доколку Министерството односно Бирото не направиле контрола, тогаш повторно потребна е сериозна персонална одговорност кој тоа дозволил печатење на ваков неупотреблив материјал и на чиј трошок ќе се спроведе препечатува на главните книги, вели Јаневска.
Истата фирма „Арберија Дизајн“ ги печатеше свидетелствата за минатата учебна година, но тие не се поделија навреме, а во некои училишта ниту до овој момент. Истата фирма доби меѓу 70 000 и 100 000 евра народни пари за организација на журката за Рамковниот договор.