Колумна на Владимир Величковски:
Како да се наоѓаме во чун со дупки на дното, беспомошни, а не знаеме каде ќе не однесе матицата. До кога детскиот цртеж ќе остане чист и свет? Не за долго, тие рано стануваат стар мали, незаштитени и исплашени, корона маските ги задушуваат, подвоени меѓу „настава со физичко присуство“ и виртуелните он-лајн часови. Никој не знае да им ги организира часовите на посигурен и поприроден начин. „Одговорните“ се исто така на „далечинско“ од луѓето, не сакаат да си ги извалкаат своите партиски „возвишени“ персоналитети. Образованието не е бесплатно.
До кога ќе слушаме барањата за т.н. родова еднаквост?! Одговорот е многу прост: знаеш или не знаеш да работиш! Си ги запрашал родово еднаквите министерки, директорки, судијки и други дали имаат деца односно внуци? И во образованието и дигитализацијата бараме помош од други поразвиени средини: постојано не посетуваат посредници, олеснувачи и слични ликови од некои моќни центри! Меѓутоа, дома ништо не ни е средено.
Нема ден без да се случи некоја несреќа, да не бомбардираат со по некој случај – знак на пропаѓање и деструкција, што е меѓу другото и сигурен знак на одмазда. Зошто еднаш, одредени ликови не погледнат прво во себе, а потоа да плукаат по другите? Многу бука околу некаков непотпишан нон – пејпер (уште еден странски збор), но зошто, немаме ли друга работа?! Не се изморија ни од сеење омраза и грди зборови, вулгарности… Освен слики од кошмарната реалност, можевме да видиме и фотографија (можеби од сечени, лепени…) на посетители (велат партиски ликови) во тешко опожарената модуларна болница во која живи изгореа четиринаесет пациенти. Морбидно.
Менаџирањето на здравството било сложена работа, но затоа е во криза. Дури потоа германски стручњаци за увид (како да ние немаме способни крим-техничари и форензичари!). Сето ова влева сомнеж. Луѓето се плашат да отидат во „наша“ болница. Не е чудно. Повторно во Тетово: пожар во подрумот на станбената зграда во која не би требало да живеат луѓе. Сепак, ги слушавме кусите искажувања на обичните луѓе, беспомошноста на жителите. Такви згради (но ретко и скромни луѓе) има и во други градови. Сцени достојни за перото на еден Селин, автор на европските „лирски гадости“ во 30-тите години на 20-тиот век.
Зошто за градоначалници се кандидираат лекари, актери, адвокати, музичари и други, а не и архитекти? Местото им е во професијата, не секогаш слабо платена. Тие „истрчуваат“ да ги бранат боите на партијата, а не животот на градот. Згасна желбата и потребата на луѓето за разговор и дружење, но затоа се полни со недоверба и бес. Тие се сретнуваат, но ретко се поздравуваат, се гледаат еден кон друг, но и преку други комуницираат, најмногу преку рушевини кои ги создале.