30.000 починати од загаден воздух во Западен Балкан, во Македонија се чека ветерот

Повеќе од 30.000 предвремени смртни случаи во земјите од подрачјето на Западен Балкан се должат на загадениот воздух. Ова е загрижувачки наод од студијата на регионалната кампања „Обединет Балкан за чист воздух“ во која се укажува и на тоа дека последиците вклучуваат и влошување на јавното здравје.

 Загадувањето на воздухот во просек придонесува за намалување на животниот век помеѓу 0,4 и 1,3 години во земјите од Западен Балкан. Неопходно е итно да се подобри квалитетот на воздухот и јавното здравје, преку надградба на здравствените системи, велат од Европскиот фонд за Балканот при овомесечната имплементација на третата фаза од кампањата „Обединет Балкан за чист воздух“ со партнерите од регионот.

Во истражувањето не е наведено колку предвремени смртни случаи по овој основ има во Македонија. Анализите на македонскиот Институт за јавно здравје пред неколку години покажаа дека аерозагадувањето е главен ризик фактор за смрт кај 25 отсто од смртните случаи од срцеви и мозочни удари и кај 4,6 отсто од починатите пациенти со рак на бели дробови. Според проценките од студијата на Светската банка во Македонија, пак, 1.100 луѓе годишно умираат како последица на аерозагадувањето.

Дали оваа статистика ги растрчува надлежните да најдар решение? Скопје и други македонски градови зимава пак бележат високи концентрации на отровни ПМ10 и ПМ2,5 честички во воздухот. Така е со години, а Владата ветуваше дека работите ќе се сменат на подобро. Сепак, повеќе пати до сега Скопје беше меѓу првите десет градови во светот по прекумерното ниво на загадување.

Пред четири години Владата го донесе План за чист воздух кој како веќе да не се спроведува. Покрај другото, тој план предвидуваше и 20.000 домаќинства да ги променат старите нееколошки печки на дрва со поефикасни печки на дрва, 20.000 домаќинства да набават инвертер клима уреди за затоплување, 10.000 домаќинства да ја подобрат енергетската ефикасност на домовите, 3.000 домаќинства да се приклучат на гас… Од ова, малку што или воопшто ништо не е реализирано.

А од друга страна енергетската криза во која западна земја поради долгогодишното неинвестирање во овој сектор, предизвика зголемена употреба на јаглен и на мазут. За потребите на термоелектрани РЕК „Битола“, ТЕЦ „Осломеј “ и „Неготино“ досега се увезени значителни количини на овие енергенси чие согорување го загадува воздухот. Се чини сето ова не ги загрижува премногу надлежните, тие како да се надеваат во ветерот кој ако дувне посилно ќе го растера загадувањето.

Претходна вестВозач загина во сообраќајка во Лисиче, две лица повредени
Следна вестСе намалува периодот на карантин на седум дена