61 ракописи се пристигнати на конкурсот за книжевната награда за најдобар необјавен роман на годината – „ПЕГАЗ“, распишан од издавачката куќа „Арс Ламина“ и Фондацијата за унапредување и промоција на културните вредности „Славко Јаневски“. Крајниот рок беше 15 јуни 2020 година.
Периодот што следи конкурентите ќе ги оценува тричлена стручна жири-комисија во состав: проф. д-р Лидија Капушевска-Дракулевска (Катедра за општа и компаративна книжевност при Филолошкиот факултет „Блаже Конески“), писателот Давор Стојановски (добитник на награда „Роман на годината“ за 2016 година) и Бисера Бендевска (уредничка во „Арс Ламина“).
Покрај предусловот ракописите да бидат досега необјавени, услов беше романите да бидат предложени од самите автори-кандидати за наградата, кои требаше да ги достават во електронска форма (во ворд или во пдф-формат). Фондацијата „Славко Јаневски“ и „Арс Ламина“, по вторпат го организираат изборот за необјавен роман за деца или возрасни, сметајќи дека на тој начин ќе се овозможи поголем квалитет на овој специфичен литературен жанр.
На минатогодишното, прво издание на „ПЕГАЗ“,во конкуренција од пристигнати 77 ракописи за победник беше избран романот „Насон прочитана книга“ од авторката Соња Манџук, кој беше објавен. А деновиве од печат излезе и романот „Курвински хроники“ од Александар Русјаков, кој беше меѓу позитивно оценетите ракописи од првиот конкурс.