Сунчица Уневска дел од меѓународното жири за најдобри арапски филмови

Сунчица Уневска, македонската новинарка и филмска критичарка е дел од меѓународното жири за најдобри арапски филмови, што таа заедно со колегите ги оценуваа во периодот од февруари до април оваа година. Жирито беше составено од 142 критичари од 57 земји.

Уневска, која е членка на Меѓународната асоцијација на филмски критичари – ФИПРЕСЦИ, е првата македонска филмска критичарка што учествува во ова жири. Традицијата на овие наградувања почна во 2017 година.

Во изборот од 32 арапски долгометражни играни и документарни филмови, жирито додели награди во шест категории: за најдобар филм, за најдобра режија, за најдобро сценарио, за најдобра машка и женска улога и за најдобар документарен филм, а поради пандемијата на Ковид-19, наградите се доделени по виртуелен пат, на 25 јуни на виртуелното издание на Канскиот филмски фестивал, на Канскиот виртуелен филмски маркет.

Апсолутен победник за 2019 е „Тоа мора да е рај“ на палестинскиот режисер Елија Сулејман, награден за најдобар филм и за најдобра режија.

Претходна вестО2: Водно е доказ дека кога мислат на зеленило – мислат само на бојата на банкнотите
Следна вестСончево и топло до 35 степени