Галичка свадба за Голема Богородица наместо за Петровден

Македонците не ќе можат претстојниот викенд да уживаат во светски познатата традиционална Галичка свадба, која секоја година се одржува на Петровден. Заради пандемијата се одложува за на 28 август.

-Нашата потреба да ја одржиме традицијата е исконска, автентична. Нема притисок, има љубов. Во нашите обичаи нема привид, тие се живи, дишат со нас, ние со нив сраснати. Времињата се менуваат, секое со своите предизвици. Годинава, соочени со предизвикот на Ковид-19, и во интерес на заштита на јавното здравје како врвен приоритет, Советот на Месна заедница Галичник одлучи одржувањето на Галичката свадба да го направи на вториот голем празник Пресвета Богородица односно на 28 август со надеж дека до тогаш ќе се создадат услови за целосна организација. Разговаравме долго, го обезбедивме традиционалното покровителство на Свадбата од Претседателот на државата, се консултиравме со стручни лица од областа и со Комисијата за заразни болести, развивме сеопфатен протокол, но сфативме дека со оглед на моменталната епидемиолошка состојба, манифестацијата Галичка свадба не треба да се одржи на Петровден, соопштуваат од месната заедница Галичник.

Велат согласно со промената на работите на терен ќе се организира следниот датум, а а јавноста ќе биде навремено известена.