80.000 до 120.000 лица во Македонија до сега биле во контакт со вирусот

Се движиме кон стекнувањето на колективен имуниет во однос на корона вирусот, а тој ќе се добива на природен начин или со вештачки стекнат имунитет, вели во интервју за „Скопско ехо“ микробиологот Никола Пановски.

Во неодамнешното интервју за „Скопско ехо“ ни рековте дека полека иако непланирано се движиме кон создавањето на колективен имунитет во однос на корона вирусот. Со оглед на сегашните сосотојби, како би ја окарактеризирале фазата во која што сега се наоѓаме?

Кај 12.000 лица е потврдено дека биле во контакт со вирусот. Според некои претпоставки, односно модели, за земји кои пошироко тестираат, а сега сме и ние во таа група, вистинскиот број би бил дека во Македонија 80.000 до 120.000 лица биле во контакт со вирусот без да истото биде потврдено. Тоа значи дека во изминатиов период сме откриле 10-15 проценти од оние кои биле инфицирани. Тоа значи дека 5 отсто од населението би требало да има стекнат имунитет кон Ковид 19.

Се смета дека најмалку 15 проценти од населението се природно имуни, односно, веројатно стекнале имунитет од прележани настинки од други корона вируси сродни на САРС КоВ 2. Мнозинството од заразени се од последниве 3 месеци, па со ова темпо до крајот на годинава би имале 25-30 проценти лица кои би биле имуни на Ковид 19, за жал и над 1.000 смртни случаи. Колективен имунитет од 60 отсто имуни би имале некаде на крајот на 2021, но вакцината ќе го забрза овој процес.

Ние сега се движиме кон колективен имунитет. До сега сите вирусни инфекции кои се пренесуваат преку респираторен тракт завршиле со колективен имунитет, природен или вештачки (вакцина). За оваа болест ќе биде комбинација од природно и вештачки стекнат имунитет. Вакцината треба да го скрати овој период, а со тоа и да се спасат неколку милиони животи, или во Македонија 2.000 до 4.000, ако вакцинирањето почне во јануари 2021.

Постојат многу дилеми околу тоа како да започне учебната година за учениците. Кој модел би бил најдобар во тој поглед, со оглед на значителните разлики меѓу приврзаниците на он – лајн и на наставата во самите училишта?

-Одговорот е невозможен на само две недели од почетокот на учебната година.  Притисокот од родителите е огромен, пред се на оние кои се против било какво присуство на децата во училиште, со став дека сигурно нема да го пратат детето на настава со физичко присуство. Реално, децата се многу поотпорни, смртните случаи кај нив се многу поретки. Опасноста е дека тие ќе ја пренесат болеста дома на повозрасните, како што пренесуваат настинки и грип. Затоа, настава со физичко присуство е можна само во општините со мал број активни случаи.

За првачињата и за прва година средно, средба и часови во големи холови или фискултурни сали или на отворено, со заштитни мерки, отворени прозорци, некаде до 15 октомври и потоа и тие да продолжат он лајн, кога ќе застуди. За нешто подобро од ова требаше да се донесе одлука во јуни, да се подготват и убедат родителите, да се подготват училиштата и наставниците итн. Сега е доцна, останува дека наставата ќе оди 95 отсто он -лајн, поточно 60 он – лајн, а 35 проценти ќе немаат настава. Имено, немаат опрема ниту обука за истата.

Почетокот на учебната година не треба да се одложува, напротив треба да се искористат топлите денови и можноста од отворени прозорци и настава на отворено.

Претходна вестВо вториот лет од Скопје кон Финска имало пет позитивни патници на вирусот, а 17 одбиле да прават тест
Следна вестПак пронајдени многу мигранти во комбе, пак возачот побегнал…