Често работодавачите наоѓаат начин да го заобиколат законот, па се однесуваат неправедно кон вработените

Со д-р Лазар Јовевски, вонреден професор по трудово право на скопскиот Правен факултет „Јустиниајна Прима“ зборуваме за работничките права во Македонија, за одлука на Уставниот суд…

Како ја оценувате состојбата со работничките права во Македонија?

 Работничките права во Македонија вообичаено се прекршуваат, по исклучок се почитуваат- за жал. Во текот на пандемијата во последните 2 години ова особено се покажа во секој аспект на работните места.

Кога би имале предвид дека секој работник заслужува да има работно место на кое ќе биде почитуван, безбеден и заштитен од ризици и ќе добива соодветна награда за трудот која му овозможува достоинствен живот за него и за неговото семејство, оценката на состојбата со работничките права во Македонија може да заклучиме дека е многу ниска. Јас секојдневно имам комуникација и со работници и со работодавачи и ги знам како големите, така и со т.н. ситните проблеми со кои се соочуваат на дневна основа- а тие проблеми пак се спротивност од она што претходно се обидов да го дефинирам за да претставам што значи почитување на основни работнички права. Многу често работодавачите знаат да најдат начин да го заобиколат законот, па се однесуваат неправедно спрема своите вработени, бидејќи пак тие на некој начин и зависат од платата, притоа не земајќи го предвид фактот дека и тие зависат од трудот на нивните вработени. Често пати кажувам дека работниот однос е како танго- потребни се двајца да го одиграат. За жал, во Македонија се чини дека тангото не се игра. Работничките права се прекршуват постојано и работниците во многу случаи се доведени во незавидна состојба. За какви сè ситуации сум слушнал, од отпуштање без отказен рок, отпуштање работнички кои се на породилно отсуство, договори за вработување кои се продолжуваат на еден месец и го држат работникот во неизвесност, барање работниците „на рака“ да враќаат одредени износи од исплатена плата/регрес за годишен одмор, работење без слободен ден со недели, небезбедни услови, услови кои се опасност за здравјето на работникот, итн. Дополнително со пандемијата на работниците им се вршеше притисок да се вакцинираат, одредени фирми ги враќаа од работа оние кои не примиле вакцина, иако законски вакцинацијата не е задолжителна, ниту пак смее некој воопшто да влијае врз одлуката на индивидуата. Сметам дека треба како општество да се промениме и во менталитетот да вградиме чесност, одговорност, човечност кон работниците и да се унапредуваат нивните права, подобро едно по едно отколку ниедно, нели?

Што е она што би требало да се подобрува во сферата на правата на работниците?

 Според мене одговорот и решението, всушност, се во почитувањето на законите. Македонските закони со кои се уредува оваа сфера треба да се применуваат соодветно и да се напушти праксата, па и менталитетот на заобиколување на правилата. Не велам дека законите се целосно добри, има делови кои треба да се изменат, но и вакви какви што се доколку се почитуваат би се подобрила состојбата со правата на работниците. Исто така потребни се капацитети од страна на државата пред сè- овде мислам на инспекциските надзори, но во крајна линија и судовите, кои во рамки на своите надлежности би требало да ги заштитуваат работниците, да работат ажурно и посветено зашто во која било сфера каде има бројни проблеми никој не може преку ноќ да ги реши сите проблеми, но со посветеност верувам дека напредок може да има.

Дали утврдувањето на минималната плата е единственото нешто што може да се направи кога станува збор за правата на работниците?

 Апсолутно не. Минималната плата треба да расте, но растот да биде врз основа на економските параметри, односно реалната продуктивност на трудот. Во спротивно имаме ефект на надуван балон кој кога-тогаш ќе пукне. Сегашново решение е особено проблематично и дискриминаторско спрема одредени групи работници бидејќи имаме ситуација некој кој бил на т.н. мининалец се изедначува со плата со друг работник кој бил на повисока позиција од него или воопшто имал повисока плата од некоја причина. Има многу што да се направи за подобрување на правата на работниците, и тоа како од аспект на донесување и/или изменување на закони, така и од аспект на соработката помеѓу работодавачите и работниците. Мора да се надминат досегашните практики.

ЧУДНА ОДЛУКА НА УСТАВНИТЕ СУДИИ ЗА КОВИД-СЕРТИФИКАТИТЕ

Уставниот суд деновиве не поведе постапка по со која се бараше веќе да не важат ковид-сертификатите за примените вакцини. Како ја доживувате оваа одлука со оглед на се почести барања во јавноста да се укинат сертификатите.

Оваа одлука за мене е чудна. Уставните судови во многу земји од светот ги поништија одлуките на здравствените власти токму поради тоа што ги прекршуваат човековите права со ограничувањата за движење. Но, кај нас судскиот систем сè уште не сака да созрее и да стане европски. Впрочем, затоа и оценките од страна на ЕУ за правосудството се такви какви што се.

Претходна вестЗа брзо возење казнети 254 возачи
Следна вестУапсен 53-годишник од Виница под сомнение дека допирал и бакнувал малолетничка