Во традиционалните маршеви на групи коњаници кои деновиве стратуваат од различни македонски градови за да стасаат на прославата на Илинден на 2 август во Крушево, годинава ќе учествува и нова група на коњаници. Вчера, за првпат група од пет коњаници тргна и од струмичкото село Радово коешто е населено главно со македонско население од католичка вероисповед со Источен (византиски) обред. Коњаниците вчера добија благослов по богослужбата во локалната црква „Свети пророк Илија“ а потоа тргнаа на пат кон Крушево. Во Струмица е предвидено да имаат дефиле како и да положат цвеќе на спомениците на Гоце Делчев и поранешниот македонски претседателот Борис Трајковски. Потоа, коњаницата ќе се упати кон Бигорскиот манастир за да се приклучат кон другите коњаници и заедно да тргнат кон Крушево.
-Лани бев единствен учесник од Радово меѓу коњаниците кои стасаа во Крушево а годинава посакав да организираме и посебна коњаничка група. Јас, значи, ќе учествувам по вторпат а на останатите им е за првпат. Среќен сум заради тоа и од причина што и на овој начин го покажуваме македонското единство, ни рече кољаникот Виктор Сирачев од Радово.
Меѓу учесниците и осумгодишно момче, кој ќе биде еден од најмладите коњаници кои ќе стасаат на Мечкин камен во Крушево.
Радово е село со околу 900 жители и е во рамките на Струмичко-скопската епархија на Католичката срква во Македонија која се раководи со Источен (византиски) обред. Покрај неа постои и Скопска епархија која се раководи по Западен обред.