Радев ги закажа парламентарните избори во Бугарија за 2 октомври, привремен премиер е Галаб Донев

Претседателот на Бугарија Румен Радев потпиша укази за распуштање на 47-то Народно собрание и за одржување предвремени парламентарни избори на 2 октомври, како и за назначување службена влада. За привремен премиер, како што јави дописникот на МИА од Софија, е назначен Галаб Донев, досегашен советник на Радев.

Кабинетот на бугарскиот претседател соопшти дека за министер за надворешни работи е именуван Николај Милков, амбасадор на Бугарија во Франција, а за министер за одбрана Димитар Стојанов, кој е шеф на претседателската администрација.

Во владата се враќа Атанас Пеканов, кој ќе биде вицепремиер и одговорен за управување со европските фондови. Заедно со него во преодната влада се враќа и Велислав Минеков, кој повторно ќе раководи со Министерството за култура, како и во претходните две преодни влади.

За вицепремиер и министер за внатрешни работи е именуван Иван Дерменџиев, кој во втората службена влада минатата година беше министер за правда и се залагаше за смена на главниот обвинител Иван Гешев, што е клучна точка за реформите во правосудството во Бугарија, потсетува дописникот на МИА од Софија.

 

Претходна вестСиријци ограбени во кумановско Четирце
Следна вестМВР одзела 25 мотоцикли, ќе ги смири ли тоа „збеснатите“ моторџии?