Ако продолжиме да го покриваме целиот град со асфалт и бетон, Скопје ќе стане само голем жежок топлотен остров во кој условите за живот ќе бидат уште полоши од сегашните, реагира денеска граѓанската иницијатива Шанса за Центар. До реакцијата доаѓа по најновиот случај на асфалтирањето на патеката на кејот на Вардар од страна на службите на Градот Скопје а што денеска предизвика реакции во јавноста.
– Градот не може и не смее да се покрие целосно со асфалт! Сметаме дека е недозволиво од страна на Градот да се асфалтираат пешачки патеки во Градски парк, ниту да се става асфалт на површини покрај реката Вардар кои и досега беа уредени со камен и калдрма што пак овозможува водата да не се задржува на патеката туку да се впива во земјата, се наведува во соопштението.
Ова граѓанска иницијатива која има тројца советници во скопската општина Центар потенцира дека сите анализи кои ги направи самиот Град Скопје укажуваат дека досегашната прекумерна и непланска замена на природните и зелените површини со бетон и асфалт создаде локации во градот на кои температурата достигнува и до над 60 целзиусови степени во лето.
– Научно е докажано дека овие материјали не пропуштаат вода со што се намалува пропусноста на почвата, се намалуваат подземните води, а градските улици се претвораат во површини на кои водата се собира и тече како по корита на реки со што се зголемува опасноста од поплавување. Апелираме до Градот и Општина Центар да преземат мерки да ги заштитат овие паркови наместо само немо да гледаат или да преземаат чекори со кои се уништуваат последните поголеми зелени површини!, потенцнраат од Шанса за Центар.
Фото: Социјални мрежи