Дел од коњаниците кои пристигнаа во Крушево ја бојкотираат манифестацијата „10 дена Крушевска Република“ којашто започнува вечерва. Ова го објави градоначалник на Крушево и претседател на Советот на Научно-културните средби “Десет дена Крушевска Република” Томе Христоски. Во објавата на неговиот профил на социјална мрежа Фејсбук тој напиша дека со тоа се нарушува „традицијата на пречек на коњаниците“.
– Од 2018 година и прв Илинден како градоначалник и претседател на Советот на НКС “Десет дена Крушевска Република” се трудиме да ја чуваме традицијата на празникот, да ги негуваме вистинските вредности и да ја оттргнеме Манифестацијата од секое политичко влијание. Оваа година имаме богата програма, подготвени сме и очекуваме многу гости, но во мене има доза на разочараност. Дел од коњаниците одлучија да ја бојкотираат организацијата и свесно или не да ја нарушат традицијата на пречек на коњаниците. Дали се работи за одредено политичко влијание или партиска (не)подобност? На ова прашање ќе имаме одговор во наредните неколку дена. Сакам да ги известам граѓаните и посетителите на Крушево дека се додека сум градоначалник традицијата ќе ја чуваме и негуваме, затоа што Илинден е нашиот идентитет. Илинден е нашата сила за иднината. Иднината е на сите, без оглед на припадност по партија, религија и националност, напиша во објавата Христоски.
Инаку, манифестацијата научни културни средби „Десет дена Крушевска Република“ ќе биде отворена вечер на Гумење во Крушево во организација на општината. На манифестацијата која ги претставува културата, традицијата и историјата на Крушево, ќе се обрати премиерот Димитар Ковачевски, кој годинава ја предводи владината делегација во Крушево, по повод прославата на националниот празник Илинден.
Претходно, коњаницата ќе дојде пред столбот на Крушевската Република, ќе се формира поворка, по што делегацијата за полагање цвеќе со коњаницата ќе се упати кон Гумење. Ќе биде положено цвеќе пред бистата на Веле Марков, на гробот на Питу Гули, на гробот на Тоше Проески, пред споменикот на партизанските гробишта, Криптата на илинденските востаници.
Во рамки на програмата на манифестацијата, предвидена е посета на спомен-куќата на Смилевскиот Конгрес и полагање цвеќе пред споменикот на Дамјан Груев.
По отворањето на манифестацијата пред споменикот „Илинден“ ќе настапат Националната филхармонија и хорот на Национална опера и балет, ансаблот „Танец“ и балерината Ивана Коцевска.
На платото кај Гумење ќе биде прочитан Крушевскиот манифест и ќе се обрати претседателот на Советот на НКС „Десет дена Крушевска Република“, м-р Томе Христоски. Според програмата, на крајот од вечерта концерт ќе одржи Камерниот оркестар, а ќе настапат и неколку македонски пејачи.
Централната манифестација по повод Илинден ќе се одржи утре на Мечкин Камен.
Фото: ФБ на Томе Христоски