Владин советник и државен секретар со цвеќе до банкината каде загинаа 10 македонски бранители

Денеска се одбележуваат 21 година од подмолното убивање на десеттемина припадници на резервниот состав на Армијата кои од заседа беа нападнати во 2001 година од страната на припадници на ОНА. Со свое учество во одбележувањето на овој болен датум кога херои го дадоа животот за Македонија се вклучи и владина делегација во чиј состав беа советникот за одбрана Драган Василевски и државниот секретар во Министерството за одбрана Драган Николиќ.

Претставниците на Владата положија цвеќе на спомен-плочата во месноста Карпалак, на автопатот Скопје – Тетово, во спомен на загинатите бранители. Во соопштението по тој повод не е наведено зошто се уште на тоа место Владата нема направено достоен споменик во чест и сеќавање на трагично загинатите македонски бранители: Нане Наумоски, Сашо Китаноски, Горан Миноски, Ердован Шабаноски, Љубе Грујоски, Бранко Секулоски, Дарко Вељаноски, Пеце Секулоски, Веби Рушитоски, Марко Деспотоски, сите од Прилеп и прилепско.

И покрај бројните барања на македонските бранители во изминативе години таму се уште единствено обележје е мала лимена плоча со испишаните имиња на загинатите. На ланското чествување Ацо Јовановски, кој тој ден го возеше автобусот со бранителите, рече дека е револтирани поради негрижата кон бранителите.

-Никој не најде за сходно барем банкината каде е спомен-плочата да ја обои, а ваму зборуваме за 10 загубени животи. Неодамна Артан Груби излезе и јавно кажа дека за борците на УЧК средени се пензиите и вработувањата. А, јас прашувам што направија за бранителите? 20 години бараме овде да се подигне достоинствен споменик, а не цвеќето да го положуваме на банкина од патот, но споменик сѐ уште нема, изјави тогаш тој.

Дали новата годишнина нешто ќе смени во односот за да се направи достојно обележје останува да се види. Неодамна во Слупчане беше отворен голем споменик, спомен-кула на ОНА за кој се потрошени околу 200.000 евра.

 

 

Претходна вестНа Табановце запленeти 13,3 килограми злато со вредност од над 600.000 евра
Следна вестУбаво: Од септември бесплатен таблет за над 800 ученици во општина Аеродром