Ќе ги спомене ли Ковачевски во ОН правата на Македонците во соседните земји?

Иако Македонија е во сериозна криза, нашите главни функционери треба не така ретко и по светот да состанчат. Има што да кажуваат, а и ги бараат.

Па така, премиерот Димитар Ковачевски независно од проблемите кои ги има и со аферите околу него и со ситуацијата во земјава деновиве мора да е во Њујорк (сосе негов тим), на Генералното собрание на Обединетите нации.

Што тој ќе прави таму неколку дена?

Најавено е дека денеска Ковачевски ќе се обрати на главната тема – Правата на малцинствата во земјите низ светот.

Убава тема, отворена на релевантно место. Ќе го истористи ли тој тоа? Ќе зборува ли само за малцинствата во Македонија или и за македонските малцинства во соседните земји и нивните проблеми?

Ковачевски има со што да се пофали на внатрешен план. Македонија сигурно е лидер во светот по права на малцинствата, дури и како да нема граници во нивното унапредување.

Ама положбата на македонското малцинство во соседните земји…

Значителен напредок во правната заштита на правата на припадниците на националните малцинства во Македонија констатира вчера и Советодавниот комитет на Советот на европа за Рамковната конвенција за заштита на националните малцинства. И со тоа се потврдува она што се се прави во изминативе 31 година откако сме самостојна и независна држава – дека правата на малцинствата одат постојано нагоре. Правата на службената употребата на мајчиниот јазик, на национални симболи, на процентуални етнички вработувања, употреба на „Бадентеровиот принцип“… 

Од друга страна, нашата уникатност не завршува тука туку доби продолжение со посебен однос кон припадниците на македонското национално малцинство во соседните земји. Посебноста на тој однос се гледа во фактот што македонските власти (како ретко кој) се откажаа од грижата за него, прво во случај со Грција, а сега и со Бугарија.

Да, многу работи светот може да научи од Ковачевски.

Можеби затоа тој денеска ќе одржи предавање и на Универзитетот „Колумбија“, каде што ќе се осврне на, како што соопшти прес-службата на Владата – „уникатниот модел на одржлива демократија на Република Северна Македонија, како и економската интеграција и трансформација“.
Ќе го спроведе ли некоја друга земја во светот тој уникатен модел?

  

Претходна вестДизелот поевтин за 2 денара, бензините со иста цена
Следна вестКовачки: Бараме оставка и утврдување на деловната способност на Ковачевски