Не се разгледува можноста за враќање на задолжително служење на воениот рок, соопшти денеска шефот на државата Стево Пендаровски.
Тој во одговорот на прашањето на МИА, да го изнесе неговиот став во врска со вчерашната изјава на началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски, кој предложи враќање на задолжително служење на воениот рок, одговори дека тоа не е предмет на разгледување.
-Државниот врв не ја разгледувал можноста за враќање на задолжително служење во Армијата, ниту во изминатиот период, ниту пак таква можност е отворена за во иднина. Република Северна Македонија има професионална Армија, согласно потребите на земјата. Стратешка одлука која ќе продолжи да се применува и во иднина, исполнувајќи ги обврските како полноправна членка на НАТО, вели претседателот на државата, Стево Пендаровски.
Според него, укинувањето на обврската за задолжително служење на воен рок од 2006 година и целосната професионализација на Армијата е одлука што е донесена како дел од процесот на трансформација на Армијата, согласно анализите и проценките на ресурси и потреби на земјата, во целосна координација и консултации со НАТО.
Началникот на ГШ, генерал-потполковник Ѓурчиновски вчера во дебатниот магазин „Клик плус“ порача дека земјата би добила многу со враќање на служењето на војска. Тој смета дека служењето воен рок од три месеци би ги подготвило младите идни кадри.