Во вкупно седум скопски училишта утринава биле добиени дојави за подметнати бомби. МВР информира дека тие се добиена околу 9.30 часот по електронска пошта на училиштата.
-Денеска во СВР Скопје околу 9.30 часот е пријавено дека на електронска адреса на седум училишта во Скопје е упатена закана за поставена експлозивна направа. Веднаш по добиените пријави, од полициски службеници се преземени мерки за безбедно евакуирање и во тек се антитерористички проверки и се преземаат мерки за расчистување на случајот, соопшти МВР.
„Скопско ехо“ веќе објави дека една од првите дојави стасала во скопската гиманзија „Раде Јовчевски – Корчагин“. Таму веднаш започнала евакуацијата на учениците и на наставниот персонал а наскоро полициските екипи ќе ја почнат задолжителна претрага.
По паузата од неколку дена ова е нова дојава за подметнати експлозивни направи. Искуствата од последните дојави покажуваат дека тие стасуваат по електронска пошта во повеќе скопски средни училишта.
Последните дојави биле примени на 11 ноември во 4 скопски училишта. Проверките покажале дека се лажни. Претходно, дојавите биле добиена на 9 ноември.
Првите дојави за подметнати бомби по скопските средни училишта биле добиени по електронска пошта на 26 октомври. По ова, дојавите стасувале и на 27 и 28 октомври, на 2 и 4 ноември при што, во просек, ги добивале од четири до осум училишта. Според првичните сознанија од истрагата дојавите биле испраќани по електронска пошта од Швајцарија, Австрија и американската држава Калифорнија.